Шефот на француската држава Емануел Макрон побара продолжување на вакцинацијата против Ковид-19 и повика да не се прекинува со почитување на мерките „пребрзо“ пред да може да се престане со носење маска.
Според проценката на Макрон, Французите сепак треба да ја „чуваат маската“ и тоа „барем до крајот на јуни“.
–Како и вам, така и мене ми е преку глава од маската, рече тој.
Откако продавниците и терасите од вчера повторно се отворени, претседателот повика на претпазливост.
–Не смееме да се релаксираме пребрзо, се уште имаме премногу сограѓани кои не се вакцинирани и би ризикувале да се најдеме во болниците каде има премногу случаи. Значи, мора да продолжиме со вакцинацијата. Симнувањето на ограничувачките мерки мора да се направи чекор по чекор, потсети францускиот претседател.
„Мислам дека се уште сме на вистинскиот пат, подобри сме отколку пред три недели, па дури и подобри од пред шест недели“ во однос на епидемијата, заклучи Макрон.