Ребека Рос, аташе за медиуми на американската амбасада во Москва, е протерана од Русија. Таа беше меѓу 10-те вработени во американската дипломатска мисија, која руската страна ги прогласи за персона нон грата во април, објави Би Би Си.
Протерувањето на Рос го објави денеска весникот Комерсант. Таа подоцна ја потврди оваа информација за ТАСС.
На 21 април, руското Министерство за надворешни работи му предаде протестна нота на Барт Горман, заменик шеф на американската дипломатска мисија, прогласувајќи десетмина негови колеги за персона нон грата. Тоа беше одговор на протерувањето на 10 членови на руската дипломатска мисија во Вашингтон.
Протерувањето на вработените во руската амбасада беше дел од новите санкции на САД. Меѓу нив има и претставници на руските разузнавачки служби, се наведува во соопштението на Белата куќа. Руското Министерство за надворешни работи го нарече таквиот потег „непријателство на САД“.
На Американците им беше наредено да ја напуштат руската територија до крајот на денот на 21 мај, се вели во соопштението на руското МНР.