Заменик-градоначалникот на Белград, Горан Весиќ, денеска изјави дека српскиот главен град ќе им даде логистика на државните здравствени институции кои планираат контролиран експеримент кој треба да открие повеќе за начините и условите под кои се пренесува коронавирусот.
Експериментот, всушност, ќе биде концерт со публика во затворен простор, без придржување кон заштитните мерки против ширењето на Ковид-19, а слични настани веќе беа организирани во Барселона, Амстердам и во други градови.
Според Весиќ, здравствените власти ќе одредат кој ќе може да присуствува да концертот – дали само вакцинираните граѓани или ќе бидат користени антигенски или ПЦР-тестови. Сите учесници во експериментот потоа ќе бидат следени, а експертите ќе изработат медицинска студија.
„Се радувам поради тоа, затоа што резултатите ќе ни помогнат при носење на одлуките за организација на концерти, фестивали и други поголеми настани. Ќе имаме егзактни показатели за тоа како вирусот се шири или не се шири“, рече Весиќ.