За првпат во 14- месечната битка со Ковид-19 во Инфективната клиника во Тирана во последото деноноќие нема ново хоспитализирано лице заразено со опасниот вирус.
– Во последните 24 часа во Инфективната клиника не се пријави ниту еден пациент со Ковид-19. Се уште е рано да прогласиме победа, но веќе ја гледаме светлоста на крајот од тунелот, изјави еден од најпознатите инфектолози, професорот Тритан Кало, кој од почетокот е непосредно ангажиран во третирањето на ковид пациентите во клиниката.
Освен пациентите погодени од вирусот, кои се лекуваат во домашни услови, во ковид болниците се хоспитализирани 99 пациенти.
Професорот Кало, сепак, апелира до граѓаните и понатаму да бидат внимателни и совесни во почитувањето на мерките и протоколите, особено да не потпаѓаат под влијание на „злонамерниците кои зборуваат против вакцинација”.
Што се однесува до процесот на имунизација тој се одвива според зацртаниот план и до сега опфатени се околу 600 илјади лица, додека до крајот на месецов се очекува да бидат имунизирани милион албански граѓани.
Во последното деноноќие од направените 4.516 тестови позитивен резултат е добиен кај 89 од нив, оздравеле 873, а починале три лица.
Од почетокот на пандемијата во земјата се направени 656.876 тестови, позитивни биле 131.666, оздравеле 116.126, починале 2.411, ина активни 13.129 активни случаи.