Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ соопшти дека од сабота, 1 мај, сите граѓани што се вакцинирани, ќе добијат дигитален ковид сертификат.
-Благодарение на ИТ системот, можеме да имаме целосно електронски ковид сертификати, изјави Брнабиќ.
Таа додаде дека Србија ги споделила своите сертификати со Светската здравствена организација (СЗО), како и со некои други земји, наведувајќи дека верува дека тие земји ќе ги прифатат сертификатите.
Според Брнабиќ, во Србија две дози вакцини против коронавирусот примиле 25,6 отсто од граѓаните, односно 1.462,125 лица.
-Имунизирани се, односно поминале две недели од примање на втората доза на вакцината или пет недели во случај на примање на вакцината Астра Зенека вкупно 1.261.974 или 22 отсто лица.
Како што оцени, постојат големи разлики во бројот на вакцинирани меѓу различни градови, наведувајќи дека најголем број вакцинирани има во Белград (над 600.000).
Брнабиќ кажа и дека меѓу хоспитализираните низ Србија, кои се нешто помалку од 5.000, 98% од нив не биле вакцинирани.