„За да видите колку демократија има во една земја, треба само да ги погледнете медиумите во земјата“, ова го порача еврокомесарот Штефан Филе на конференцијата за слобода на медиумите на Балканот, која се одржува во Брисел.
Според еврокомесарот, резултатите во слободата на медиумите е во фокус на преговорите за членство во ЕУ, заедно со владеењето на правото и основните слободи.
„Властите мора да ги зајакнат напорите да се истражат новите и поранешните случаи на насилство врз новинарите“, беше јасен стави Филе.
Јавните радиодифузери, според Филе, мора да бидат политички и финансиски независни.
Специјалниот претставник на ОБСЕ, Дуња Мијатовиќ оцени дека слободата на медиумите уназадува и ваквата состојба треба итно да се смени, а се што треба е политичка волја.
„Македонската влада предложи нацрт закон за медиуми кој дополнително може да ја ограничи слободата на изразувањето“, рече Мијатовиќ.
Од друга страна вицепремиерот Фатмир Бесими, посочи дека Владата се залага за почитување на сите стандарди, но оти предизвици уште има.
Вети дека Владата до Европската комисија ќе достави детален извештај за владиното рекламирање.
Тамара Чаусидис, претседател на ССНМ, укажа дека критичките медиуми и новинари во Македонија се предмет на говор на омраза и дискредитации од високи владини претставници и политичките партии.
Чаусидис ја критикуваше и Европската комисија дека во оцените за Македонија, слободата на медиумите ја става во залог на решавањето на проблемот со името, па понекогаш подзамижува на реалните состојби во име на „повисоката цел“.