Решението на деценискиот спор со „клати врата, земи плата“ рамковни вработени ги судри премиерот Зоран Заев и директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски. Заев замери поради тоа што институцијата на Пауновски е единствена од 258 други, кои не прифаќаат 32 вработени за кои немаат никакви трошоци, освен обврската да им се доделат работни задачи.
„А1он“ направи хронологија на настаните од каде потекнува проблемот со рамковните административци кои седат дома и земаат редовни месечни примања, а за кои, според проценките, потрошени се околу 100 милиони евра од буџетот во изминативе 10 години.
Вработувањата на „рамковните“ административци кои седат дома и земаат плата потекнува од 2008 година, од времето на Никола Груевски.
Во 2012 се откри дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ вработиле над 1.500 административци кои не беа распоредени на работни места, кога годишно се трошеа за нивна плата по 8,7 милиони евра.
Иако тогашната Влада знаеше дека куп „рамковни“ административци седат дома, тоа не беше пречка за веќе во 2013 година, тогашниот Секретаријат за Рамковен договор објави оглас за нови 260 лица.
Ваквата пракса на вработување продолжи и во 2014, со што Секретаријатот го зголеми бројот за нови 400 „рамковни“ административци.
Во 2015 година се откри дека 1.600 „рамковни“ државни службеници седат дома без работен ангажман, со редовни месечни приходи.
Поранешниот Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор, а каде како вработени се водеа административците кои не одеа на работа потрошил над 67 милиони евра за плати од 2009 до 2017 година.
Бројот на „рамковни“ кои седат дома и земаат плата почна да се намалува од 2018 година, кога Владата на СДСМ донесе одлука со која треба бидат распределени на соодветни работни места во институциите од јавниот сектор.
Со Програмата К-5 Владата планира да реши горлив долгогодишен проблем кој беше причина за револт во јавноста. Годинава беше најавено дека сите 1.357 административци кои седеле дома и земале плата, ќе бидат прераспределени низ 258 институции. Законот предвидува лицата кои двапати ќе одбијат прераспределба да бидат отпуштени од работа.
Институциите кои ќе ги „вдомат“ административците, нема да имаат финансиски импликации врз буџетот бидејќи за нив веќе има одвоено и средства за плати од Владата.
Единствен кој одби да ги прифати сите распределени „рамковно“ вработени е директорот на Пазарната инспекција, Стојко Пауновски. Од 32, прифати да земе само 12 лица. Кажа дека не прифаќа работници кои ќе земаат плата, а нема да работат, дури и по цена на негово разрешување.
Премиерот Зоран Заев побара да нема војна преку медиумите и објаснување зошто Пауновски се противи на планот да нема вработен во јавната администрација кој ќе зема плата, а нема да оди на работа.
Јавното препукување продолжи, па директорот Пауновски му врати: „Ако премиерот Зоран Заев не ме разбира, немам што друго да кажам освен дека може слободно да ме разреши на наредната владина седница“. Тој кажа дека немасто инспектори за источниот регион, му се даваат луѓе кои треба да седат во канцеларии.
Од Владата појаснија дека преминување на „рамковните“ во Инспекторатот, ниту ќе биде дополнителен финансиски трошок за ДПИ, ниту пак ќе значи пореметување на годишните планови за вработувања на нови инспектори во ДПИ. За 2021 година, на ДПИ му се одобрени вработувања на 15 нови инспектори. Кој е тогаш проблемот за преземање на овие административци, прашуваа од Владата.
Премиерот Заев имал обид за директна комуникација со директорот Пауновски со цел изнаоѓање заедничко решение, но Пауновски не одговорил на повикот“, беше наведено во соопштението на вицепремиерите Николовски и Груби.
Од Владата велат дека директорот Пауновски го прекршил Законот за преземање на административни службеници вработени, бидејќи не ја усогласил систематизацијата на работните места.
„Директорот на Државниот пазарен инспекторат беше писмено известен за сите детали и информации во врска со оправданоста и начинот на распределбата и за тоа дека не ја почитува законската обврска, односно дека во законскиот рок не го прилагодил актот за систематизација на работни места во оваа институција што е дел од постапката за мобилност преку преземање на дел од не распоредените административни службеници.