Студенти на трет циклус студии на државниот Правен факултет „Јустинијан Први” се жалат дека цената на дипломата оваа година изнесува 5.000 денари, за разлика од ланската година кога чинела 2.000.
Од Правниот факултет одговорноста за ова покачување ја префрлаат кај Ректоратот на УКИМ од каде се уште не добивме одговор зошто цената на дипломата е покачена за 50 евра.
Што е причината за зголемувањето на цената прашавме и во Министерството за образование.
„Прашањето кое го поставувате не е во надлежност на МОН, односно високообразовните установи го уредуваат со носење на посебни подзаконски акти“, одговорија од Министерството за образование
Извршниот директор на Младински образовен форум, Димитар Низамовски, вели дека овој чекор на поскапување на дипломите не е фер кон студентите.
„Ние колку што знаеме според нашите сознанија секој факултет интерно си ја уредува оваа постапка, има интерен акт за наплаќање на сервисите на студентите. Нормално има варијација во цената, знам дека на Правен факултет таа е доста висока. Ние секогаш сме на ставот дека оваа цена треба да биде што пониска, нормално не може да биде нула иако тоа би било идеално сценарио, односно цената на дипломата да биде пресметана во партиципацијата. Не е коректно ова префрлање на одговорноста, Ректоратот треба да донесе одлука за да се унифицира цената. Апсурдно е да се удира по џебот на студентот за време на криза. Младинската невработеност е зголемена за време на пандемијата, студентите најчесто се издржуваат во рамките на семејствата и работат несигурни работни места, па затоа ова поскапување е дополнителен удар за нив“, вели Низамовски.
Инаку, докторските студии сами по себе чинат околу седум илјади евра на државниот Правен факултет во Скопје.
Материјалите за учење, студиските посети и печатењето на конечната верзија на докторатот се дополнителни трошоци.