Границите на Грција остануваат затворени уште една седмица

Од:

За македонските државјани, границите на Грција остануваат затворени уште една седмица, со оглед на тоа дека грчката Влада ја продолжи до 26 април 2021 година министерска одлука за копнените граници и забраната за влез на државјани за трети земји, јави дописничката на МИА од Атина.

Во новата министерска одлука, промени има за државјани на одредени земји, како што се членките на ЕУ, Израел, Србија, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати и САД, за кои не важи задолжителниот карантин при пристигнувањето, а отворен е уште еден граничен премин, односно освен од Промахонас (Кулата), туристите и преку Нимфеас (Маказа), од Бугарија ќе можат да влезат во Грција, но под специјални правила, како што е негативен ПЦР тест или сертификат за вакцинација.

Првиот член од министерската одлука се однесува на копнените граници на Грција, односно на привременото ограничување на сите копнени (патните и железничките) поврзувања од и кон земјата „од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот Ковид-19, како и забрана за влез на лица преку наведените поврзувања, освен ако исполнуваат конкретни предуслови“.

За граничниот премин Евозни (Богородица) кон Северна Македонија, како и Какавиас кон Албанија не постојат промени, односно ќе работат од 7 до 19 часот по локално време, дозволен е влез само за одредени категории, со потврда за претходно направен негативен ПЦР тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин направен од грчките власти, дневно дозволено е во Грција да влезат најмногу 400 лица, додека пак задолжителен е домашен карантин од 14 дена, објави МИА.

За транспортерите, Евзони е отворен од 7 до 23 часот по локално време, а и за возачите на камиони, негативен резултат од рапид тестот направен на граничниот премин е предуслов за влез во Грција.

Забраната за влез во земјата не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, за товарните камиони, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.

Во истата одлука, во посебен член е и привремената забрана за влез во Грција на „сите државјани на трети земји, од било која влезна точка, на било кој начин и со било кое средство, вклучувајќи ги авионските, морските, железничките и патните поврзувања од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на Ковид-19 на грчка територија“.

Исклучок, како и досега се државјаните на земјите членки на Европската унија и Шенген зоната и државјаните на Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Тајланд, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Русија, Руанда, Сингапур и Израел, а од денеска на оваа листа е и Србија.

Исто така, исклучок се и одредени категории граѓани, како што се медицинскиот персонал и здравствените работници, оние кои имаат дозвола за престој во земја членка на ЕУ или земја од Шенген зоната, членови на владини мисии, дипломати, превозници, возачи на камиони што пренесуваат стоки, транзит патници, студенти, лица кои се грижат за стари лица и лица со инвалидитет, како сезонски земјоделски работници.

За државјаните на земјите членки на Унијата и Шенген зоната, на Велика Британија, САД, Обединетите Арапски Емирати, Србија и Израел, постои посебна регулатива, односно дозволен е влез или со негативен ПСР тест направен 72 часа пред патувањето или со потврда за вакцинација, под услов да се поминати 14 дена од ревакцинацијата и се ослободени од задолжителниот карантин.

Новата министерската одлука за „воведување мерки за привремено ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на земјата, за забрана за влез во земјата на државјани на трети земји, освен од државите на Европската унија и Шенген зоната“ за да се ограничи ширењето на коровирусот синоќа беше објавена во Службен весник на Грција, а стапи во сила во 6 часот утрово.

Границите на Грција, веќе 13 месеци се затворени за државјани на трети земји, меѓу кои и за македонските државјани. Одлуката беше воведена лани, за време на првиот карантин во март, а оттогаш континуирано се продолжува.

За еден месец, односно на 14 мај, според најавите од грчката Влада, Грција ќе го отвори туризмот за сите, а за патување ќе биде потребно или сертификат за вакцинација или негативен тест или потврда за прележан Ковид-19.

Би можело да ве интересира

Германија воведува контроли на своите граници

Горан Наумовски

Ројтерс: Се намалува бројот на илегални преминувања на мексиканско-американската граница

Грција воведе жестоки сообраќајни казни: 1500 евра за пушење во возилото доколку во него има дете под 12 години

A1on

Двајца странци уапсени на граница – еден возел со фалс германска дозвола, а другиот со украдено возило

Анита Петровска Рајковиќ

Гужва за влез во Грција: На Богородица се чека по еден час

А1он

Заврши штрајкот на грчките цариници, од утрово нормализирано влегувањето во Грција