Лидерот на втората политичка сила на неодамнешните парламентарни избори во Бугарија, „Има таков народ“, Слави Трифонов е позитивен на тестот на Ковид-19, соопшти денеска заменик претседателот на партијата Тошко Јорданов.
Во соопштението до медиумите Јорданов наведува дека Трифонов имал симптоми на коронавирусот, но денеска тестот се покажал позитивен.
– Господин Трифонов е добро, се наоѓа во карантин и ги почитува сите барања и правила на Националниот кризен штаб, истакна Јорданов.
Ноќта на парламентарните избори во Бугарија на 4 април, лидерот на бугарската партија „Има таков народ“ објави дека има симптоми на Ковид-19, по што ги направи потребните испитувања.
Претходно денеска, шест дена по изборите во Бугарија, лидерот на „Има таков народ“, Слави Трифонов на Фејсбук им се заблагодари на своите избирачи.
– Во име на моите колеги и во мое име, искрено им се заблагодарувам на сите што гласаа за нас. Ова е значењето на довербата, а довербата е највисоката форма на човечка комуникација, напиша Трифонов на својот фејсбук-профил.
Тоа се случи откако во утринскиот блок на БНТ, лидерот на Бугарската социјалистичка партија (БСП) Корнелија Нинова најави дека ќе поддржи евентуална влада предложена од Трифонов.