Со досегашното темпо на вакцинација, Македонија ќе стекне колективен имунитет за 10 години, објави Блумберг.
„Во Македонија, најновите податоци покажуваат дека во просек се дава по 651 доза на ден. Со ова темпо, потребни ќе бидат уште десет години за да се имунизира 75 отсто од популацијата“, пишува Блумберг.
За разлика од кај нас, во соседна Албанија, потребни ќе бидат уште само девет месеци за да се имунизира 75 отсто од населението.
Бугарија со 9.215 дози на ден, ќе се стекне со колективен имунитет за речиси три години од сега.
Во Србија засега просекот на дневно вакцинирање е 62.857 дози, што значи дека за четири месеци веќе ќе бидат имунизирани 75 отсто од луѓето.
Во Грција во просек на ден се имунизираат по 39.656 лица, и со ова темпо ќе и биде потребна една година за да дојде до посакуваниот колективен имунитет.
На Словенија со 8.055 примени дози на ден, ќе и бидат потребни уште 11 месеци за да дојде до колетивен имунитет.
Министерот за здравство, Венко Филипче пред два дена кажа дека започнува масовната вакцинација во земјава.
Според неговата изјава, во арената „Борис Трајковски“ во просек се вакцинираат околу 300 лица на час, или околу 3.000 на ден.
Во западноевропските земји, и покрај тоа што дневно се вакцинираат значаен број на луѓе, потребно ќе биде долго време додека да стигнат до „имунитетот на стадо“.
Во Германија се имунизираат по 272.056 луѓе на ден и ќе и бидат потребни 13 месеци за да имунизира 75 отсто од своето население.
Во Холандија се имунизираат по 39.565 луѓе на ден, што значи дека со ова темпо на вакцинација ќе и бидат потребни уште 20 месеци да дојде до колективниот имунитет.