Сопственикот на галијата која Град Скопје денеска почна да ја демонтира, а кој е бугарски државјанин, тврди дека незаконски се урива објектот во реката Вардар во строгиот центар на Скопје. Управителот на фирмата „Сервис АД“ Жарко Миленковски во реакција до медиумите вели дека немаат никакви долгови кон Градот.
„Во тек се два судски предмети, од коишто за едниот утринава беше одржано рочиште и не може да се руши на сила додека нема судска одлука. Судот трпи огромен притисок да не донесе времена мерка како би се спречило настанување на штета. Затоа една судијка веќе се откажа, а други две веќе неколку месеци не носат решение, се со цел да му се дозволи на Градоначалникот да изврши рушење т.е. да направи штета, а потоа да се води судски спор“ – се вели во соопштението.
Информираат и дека ја известиле Бугарската Амбасада и Европската Унија.
„Во текот на целата пандемија имаме пратено неколку писмени барања до Град Скопје на кои ниту еднаш не добивме одговор. Се повикавме на член 9 од договорот каде што изрично стои дека Град Скопје ќе овозможи непречено функционирање на објектот. Не добивме никаков одговор. Плативме се’ 100% и по една недела добивме информација дека еднострано е раскинат договорот“ – стои во реакцијата.