Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе направи вонреден надзор во лабораторијата „Скрин лаб“ откако скопјанка, со примени две дози од вакцината на „Фајзер“ се пожали дека во оваа лабораторија не и откриле антитела кои следниот ден ги открила друга лабораторија.
Случајот во Државниот санитарен и здравствен инспекторат во вторникот го пријави Мартин Ефремов, син на скопјанката која се пожали за неточни резултати во „Скрин лаб“.
„Претставка за случајот со ’Скрин лаб’ ја добивме вчера. По истата ќе постапиме веднаш“, велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за „А1он“.
Покрај скопјанката, која како медицинска сестра ги примила двете дози од вакцината на „Фајзер“, истовремено антитела во лабораторијата испитувал и нејзиниот сопруг, кој веќе прележал Ковид – 19. Решиле да проверат дали имаат антитела, откако едно по друго имале два смртни случаја во семејството, но во „Скрин лаб“ анализите покажале дека двајцата немаат антитела. Откако им поминал првиот шок по добивањето на резултатите, се посомневале во точноста и веднаш го направиле истиот тест во друга лабораторија. Во „Скрин лаб“ се тестирале во петокот, минатата недела, а тестот го повториле во друга лабораторија во саботата, откако ги добиле негативните резултати. Другата лабораторија открила антитела и кај двајцата, па нивниот син реши случајот со неточни резултати да го пријави кај надлежните институции.
Јордан Петров, управителот и сопственик на „Скрин лаб“, лабораторија која функционира и со името ПЗУ „Павлина“, за „А1он“ објасни дека резултатот на скопјанката е во рамки на дозволена грешка оти китовите со кои работат биле со точност од 98 %, а рече и дека е можно таа да развила антитела еден ден подоцна оти никој не знае во кој момент организмот ги создава антителата по примена вакцина или прележана болест.