Синот на прославениот македонски музичар Зафир Хаџиманов, Васил, во објава на социјалните мрежи реагира на коментарите кои ги прочитал под веста за смртта на неговиот татко.
Меѓу многуте невкусни коментари, Васил вели дека бројни биле оние кои се обиделе да го прикажат тоа што Хаџиманов постариот бил вакциниран со една доза вакцина против коронавирусот, како доказ за наводната неефективност на вакцините воопшто.
Васил пишува дека неговиот татко, кој имал долготрајни срцеви проблеми, не можел да се избори со коронавирусот, откако примил само една доза од вакцината.
„На сите болни луѓе кои овде оставаат срамни коментари, им порачувам дека мојот татко умре од последиците на вирусот Ковид-19. Како тежок срцев болен, не можеше да ги издржи последиците на вирусот. Се вакцинираше еднаш, што кога би знаеле што било подалеку од вашиот газ, не е доволно за заштита од овој страшен вирус. Доколку видам уште еден сличен коментар овде или каде било, лично ќе се погрижам да ве најдам и да ве научам како да се однесувате и што да не пишувате на ѕидот на еден покојник. Срамови нечовечки!,“ напиша Васил Хаџиманов.
Зафир Хаџиманов, прочуениот македонски актер, пејач и композитор со голема популарност во 60-те и 70-те години од минатиот век, почина изминатиот викенд од последиците на Ковид-19 на 77-годишна возраст.
По неговата смрт, синот Васил, кој исто така е признат музичар, меѓу другото напиша:
„Почина мојот татко Зафир. Неговото големо срце не успеа да победи во битката со оваа грозна болест. Зад себе остави вистинско богатство, од песните кои така мајсторски лесно ги пееше, преку своите многубројни и разновидни композиции, книгите поезија и проза, па се до ненадминливите улоги во театарот и на филм“.