Еквадорскиот министер за надворешни работи Рикардо Патино пристигнува во Лондон на разговори околу натамошната судбина на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, кој една година се крие во зградата на еквадорската амбасада.
Патино ќе се сретне со Асанж, а утре во Форин Офисот ќе разговара и со британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг.
– Доаѓам со намера да се направи придвижување во ситуацијата околу Асанж, барајќи дипломатско решение, изјави шефот на еквадорската дипломатија, додавајќи дека очекува извесен степен на флексибилност од британската страна.
Форин Офисот кој извесно време размислуваше околутоа дали да прифати разговори со Патино околу„случајот Асанж“ во посебна изјава соопшти дека Велика Британија се согласува за дипломатско решение, но Лондон инсистира притоа да се испочитуваат британските закони.
– Велика Британија има обврска да и го предаде Асанж на Шведска, се вели меѓудругото во изјавата на Форин Офисот.
Поранешниот австралиски хакер побегна во еквадорската амбасада во Лондон во јуни минатата година, каде се уште престојува, откако британскиот Врховен суд ја потврди пресудата за екстрадиција.
Асанж во август 2012 доби политички азил во Еквадор, но британските власти не му дозволуваат да мине преку британска територија и од некои од лондонските аеродроми да се префрли во Кито. Доколку излезе од зградата на амбасадата тој веднаш ќе биде уапсен и префрлен во Шведска каде е осомничен за сексуално насилство.
Основачот на Викиликс тврди дека доколкузамине во Стокхолм ќе биде префрлен во САД, за да му се суди за „велепредавство“ поради нелегалното објавување на американски дипломатски документи, иако Американците немаат покренато барање за негова екстрадиција.