Пакистанската сунитска екстремистичка група „Лашкар-е-Џангви“ ја презеде одговорноста за нападите врз автобусот на женскиот универзитет и болницата во Квета, во кои загинаа најмалку 25 лица, а заради што денеска во градот е прогласен ден на жалост.
Групата „Лашкар-е-Џангви“ соопшти дека жена го извела самоубиствениот напад во автобусот на женскиот универзитет во Квета, на југозапад на Пакистан.
Во нападот загинаа 14 студентки, а 20 се ранети.
По само 90 минути нападната беше и болницата во Квета, каде биле сместени ранетите студентки.
Бомбата била активирана на одделението за итна помош и во таа прилика загинале уште 11 лица.
Потоа следел и вооружен судир на безбедносните сили и напаѓачите, кои зазеле дел од болницата, пренесоа француските медиуми.
Портпаролот на „ Лашкар-е-Џангви“, Абубакар Сидик, доцна синоќа ја повикал канцеларијата на еден весник во Квета и кажал дека неговата група е одговорна за нападите.
-Самоубиствениот напад во автобусот го изведе една од нашите сестри. Таа влегла во автобусот со студентките и се разнела со експлозив, изјави Сидик, додавајќи дека потоа е изведен и нападот на болницата.