Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска присуствуваше на отворањето на Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост од 14 до 26 години во Заводот за рехабилитација на деца и млади во населба Топанско Поле, при што истакна дека и во услови на пандемија Министерството за труд и социјална политика вложило 5,3 милиони денари за реконструкција на објектот.
– Тоа е целосно реконструиран објект согласно европските стандарди со една и единствена цел да пружа пријатни и современи услови за работа на лицата коишто доаѓаат тука на дневно ниво. Истовремено во Центарот работат професионални лица коишто изработуваат индивидуални планови согласно потребите на секој од корисниците на Дневниот центар, меѓутоа и заеднички активности за да може да се вложи во индивидуалниот максимален потенцијал на секој корисник посебно за да биде вклучен во општеството, нагласи Шахпаска.
Таа посочи дека продолжуваат да го имплементираат она што претставува дел од нивната Програма како Влада – инклузија на лицата со попреченост во секојдневниот општествен живот.
– Процесот на деинституционализација не значи само извлекување на корисниците во мали групни домови. Процесот на деинституционализација истовремено значи внесување односно приближување на социјалните услуги во заедницата. Заедно со нашите европски партнери работиме на еден план со којшто Заводот за рехабилитација во Топанско поле ќе го трансформираме во еден европски современ објект во којшто ќе постои една лепеза на социјални услуги за корисниците коишто ќе доаѓаат тука од Скопје, меѓутоа и пошироко. Ќе се претвори во Центар во којшто ќе се врши рана идентификација, рана интервенција, ќе се пружа лепеза на различни социјални услуги согласно потребите на корисниците за да можат активно да се вклучат во тековите на современиот живот, рече министерката за труд и социјална политика.
Шахпаска потенцираше дека МТСП вложува во таа категорија на граѓани исто како и за останатите.
– Меѓутоа, не помалку е значајна за успешност на овие проекти улогата на стручните работници коишто работат. Оттука, порачувам дека сите вработени коишто работеа во овие досегашни институции со понатамошно усовршување и квалификација ќе работат во тие дневни центри и останатите децентрализирани социјални услуги за да можат да излезат во пресрет на корисниците, посочи министерката.
Директорот на Заводот за рехабилитација на деца и млади, Скопје, Фатмир Ејупи наведе дека согласно трнсформацијата на установата и најновите акти на установата работата е организирана во неколку служби и оддели.
– Една од тие служби е и службата за дневно згрижување на корисници во рамките на кои работат три оддели. Оддел за дневен престој и индвидуален третман на корисници од 7 до 14 години, оддел за дневно згрижување на корисници од 14 до 26 години и оддел за днавно згрижување на корисници над 26 години, посочи Ејупи.
Тој наведе дека основна цел на социјалната услуга за днавно згрижување на младите лица со попреченост во рамки на одделот за днавно згрижување на корисници од 14 до 26 години е унапредување на квалитетот на животот на младите лица со попреченост, директна стручна помош за нивните семјества како и сензибилизација на заедницата заради разбирање, прифаќање, вреднување и создавање на еднакви можности за сите граѓани на локалната заедница.
– Капацитетот за давање на услуга за дневното згрижување е до 24 корисници. Тимот за работа со корисници се состои од двајца дефектолози, лекар, негувател и инструктор. Во моментов услугата ја користат девет корисници. Одделот работи од 7:00 до 17:00 часот по определен режим на ден. Стручната работа се реализира врз основа на изготвен план и програма за работа, изготвени согласно упатството од Заводот за социјална дејност, информираше директорот на Заводот за рехабилитација на деца и млади.