Партијата за економски промени 21, е новиот политички субјект на македонската политичка сцена, а нејзин претседател ќе биде Билјана Јовановска.
Денеска беше основачкото собрание, а како приоритет на партијата со граѓанска опција, се наведуваат позитивни економски промени.
-Ќе делуваме во насока на конструктивни идеи предлози, до опозиција, до позиција, да се подобри стандардот , да се поддржи реалниот сектор за да се отворат нови работни места. Сакаме да го спречиме одливот на млади кадри надвор од државата, рече Билјана Јовановска.
Според Јовановска, Партијата за економски промени 21, нема да заземе страна се до регистрација на партијата во судскиот регистер, но најавува отвореност за соработка со сите политички партии, посебно со тие со кои ќе се најде заеднички интерес за реализација на зацртаните политички програми.
-За премногу краток период, за 30 дена оваа граѓанска партија ги направи сите подготовки за основачко собрание, беа собрание сите изјави и заверени на нотар. Најголем простор заземаат младите, 21 е број кој се однесува на младите, на нивната зрелост, духовна способност. Бројот 21 ни симболизира рамнотежа меѓу граѓаните и државата, рече Јовановска.
Според неа, основачите на Партијата за економски промени 21, се познати во својата област на делување, стручни луѓе, и никој од нив досега не бил експониран јавно на политичката сцена и не носи никаков политички багаж.
Јовановска се одлучи за формирање на нова партија по напуштањето на ВМРО-НП. За време на парламентарните избори во 2011 година беше во Обединети за Македонија.
П.П.