Израел досега потроши околу 785 милиони долари на вакцини против Ковид-19, изјави денеска официјален претставник на Министерството за финансии на седница на парламентарниот комитет, пренесе ДПА.
Израел досега има купено вкупно 15 милиони дози вакцини, иако портпаролот на Министерството за здравство одби да ја потврди оваа бројка, повикувајќи се на договорите за доверливост.
Израелските власти потрошија околу 2,6 милијарди шекели за купување вакцини од неколку производители, се слушна пред парламентарниот комитет. Оваа земја досега користеше речиси исклучиво вакцини на „Фајзер“/ „БиоНТек“ .
Цената на вакцината во просек беше околу 52 долари по доза, далеку повеќе од сумата што ја платија многу европски земји.
Пред неколку недели, белгиската државна секретарка за буџет, Ева Де Бликер, случајно на Твитер објави некои цени на вакцините, наведувајќи дека доза на вакцината на „Модерна“ чини околу 15 евра (17 долари), додека на „Фајзер“/„БиоНТек“ чини 12 евра. Таа подоцна го избриша твитот.
Претставник на израелското Министерство за здравство соопшти дека уште 2,5 милијарди шекели ќе бидат потрошени за дополнителни дози на вакцини.
Израел, држава со околу девет милиони жители, националната кампања за вакцинација ја почна на 19 декември и таа досега е една од најуспешните во светот, пренесе ДПА.
Бројот на сериозно заболени лица значително се намали во последните неколку недели, како и бројот на нови случаи.
Повеќе од 5,2 милиони Израелци досега ја примиле првата доза од вакцината, а 4,3 милиони ја примиле и втората доза.