Иванов: Европската унија е незавршен проект без земјите од ЈИЕ

Од:

Европската унија треба уште да работи и да се проширува за да може да зборува во името на Европа. ЕУ без нашиот регион, без секоја од нашите земји, вклучително и Република Македонија е незавршен проект. За две недели ќе се отвори уште една можност за да се намалат разликите меѓу Европската унија и Европа и уште една можност Унијата да се приближи кон Европа.

Ова го истакна претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов на обраќањето на Самитот на шефови на држави и влади од Централна Европа што се одржува во Братислава, додавајќи дека очекува и се надева оти секоја земја од регионот ќе  направи чекор напред по Европскиот совет.

– Република Македонија и Република Србија да добијат датум за преговори, Црна Гора успешно да напредува во преговорите до нивното завршување. Република Турција да продолжи со преговорите. Република Албанија да стане кандидат. Босна и Херцеговина, Република Молдавија и Косово да напредуваат на европската агенда. Со приближувањето кон европското семејство ги движиме општествата кон слободниот проток на луѓе, капитал, стоки и услуги, истакна Иванов.

Според него, ова ги поттикнува земјите кои сакаат да бидат дел од клубот, да се фокусираат на реформите, се навикнуваат на поголема економска и фискална дисциплина и помага на европски начин да се затворат отворените прашања.

– Регионот на Југоисточна Европа полека, но сигурно закрепнува од периодите на изолација, поделби и конфликти што ја одбележаа последната деценија на 20. век. Регионот повторно се обединува и се интегрира кон нашиот заеднички дом – Европа. Се градат транспортни, инфраструктурни и енергетски коридори. Се развиваат индустриски капацитети. Се разгранува и се продлабочува протокот на луѓето, стоките, капиталот и услугите. Се градат мостови на разбирање, потенцира претседателот Иванов.

Тој смета дека охрабрува тоа што Југоисточна Европа е собрана тука во Централна Европа, но за жал, како што рече, земјите од ЈИЕ немаат проблем да се состануваат само надвор од сопствениот терен, од сопствениот регион и се надева дека и тој предизвик ќе биде надминат.

Осврнувајќи се  на европската економска криза, изрази уверување дека сите кои се дел од бродот наречен Европа ќе влезат во помирни води.

– Дотогаш ние треба да знаеме кои делови од бродот ќе треба да се заменат, кои да се санираат, а кои да се зајакнат. Она што сега е најважно е да не го изгубиме компасот. Тоа е и целта на стратегијата за раст за посткризното закрепнување, кон која сите ние можеме да придонесеме, истакна шефот на македонската држава и посочи дека иако сите се вклучени во изнаоѓање решенија, треба да се размисли за подобрување на системот на ЕУ со цел да биде поотпорен на економски кризи.

Неспорно е дека одговорноста на секоја членка е битна, но, вели Иванов, во едно семејство ако се запали куќата, не е важно кој член на семејството го предизвикал пожарот, важно е да се спаси, а потоа и да се поправи куќата.

– Верувам дека дел од одговорот е во натамошна европска интеграција. Ќе го земам за пример нашиот денешен состанок, кој има два тима. Во првата група се земјите-членки на Европската унија, а во втората, оние кои не се, но сакаат тоа да бидат. Република Македонија е во втората група. Сите знаеме каде лежи победата. И покрај предизвиците со кои се соочува во поглед на нејзината економија, управување и одговорност, Европа е фаворитот, потенцира претседаелот на Република Македонија.

Посочувајќи на состојбата во Европа од глобалната економска и финансиска криза и последиците од неа, рече дека македонската економија во такви услови е стабилна и одржлива, со буџетски дефицит од 3,5% од бруто-домашниот производ, стабилен банкарски систем и со стапка на задолженост од 34,1 отсто што ја прави меѓу најниско задолжените земји во Европа. Македонија, како што додаде, според индексот за економска слобода во светот за 2012 година, се наоѓа на 43-то место, пред дури седум земји од нашиот регион,  според рангирањето на Светската банка за 2013 година, Република Македонија се наоѓа на високото 5. место според поволноста за започнување бизнис, додек според олеснување на даноци на четврто место.

Осумнаесетиот Самит на шефови на држави и влади на Централна Европа се одржува во Братислава, на просторот каде што пред речиси 12 века сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј предлагаа Европа да биде заснована на принципи што ги вклучува сите религии и народи – цивилизацијата на љубовта и носталгијата по единството.

Претседателот Иванов учествува третпат на Самит на шефови на држави и влади на Централна Европа. Првиот е одржан во Чешка во 1994 година, а Македонија беше домаќин во 2008.

Би можело да ве интересира

Уставен суд заглавен, изборот на претседател е во ќор сокак

(ВИДЕО) Лога: Кога може Обама, може и Сиљановска Давкова по вторпат да даде заклетва

A1on

Ќе користи ли Пендаровски доживотна пензија? Што му следува по престанокот на функцијата на 12 мај

A1on

Инаугурацијата на Сиљановска Давкова в недела на пладне

A1on

Силјановска-Давкова: Има ли поголема промена од тоа што жена првпат ќе биде претседател

A1on

Првични резултати на ДИК: Гордана Силјановска Давкова – 61,98% , Стево Пендаровски – 30,48%

A1on