Здравко Дејановиќ има намера да стане првиот Македонец кој се искачил на најопасниот и втор по височина врв на светот К2 висок 8,611 метри.
Тој утре патува за Пакистан од каде ќе започне повеќемесечната експедиција за освојување на врвот К2.
„Голема чест е да се искачиш на еден од најтешките врвови во светот. Жалам што немам поддршка од државата и што ќе морам сам да заминам на овој тежок потфат. Досега од балканот врвот К2 го имаат искачено само двајца од Словенија и еден Хрват“, рече Дејановиќ на денешната средба со новинарите.
„Имаше обиди и за други експедиции од Србија кои завршија неуспешно со трагични последици и жртви бидејќи условите за искачување се исклучително тешки. Врвот е опкружен со мраз и слаба видливост. Имав добри подготовки со мојот пријател Слободан Соколовски кој е експерт по алпинизам“, додаде тој.
Првото искачување на К2 врвот бил во далечната 1956 година. Потоа следи период од 23 години кога никој во светот не успеа да ја совлада дивината на Хималаите во регионот Каракорум кој се наоѓа на Пакистанско – Кинеската граница.