Остануваме на интегрираниот модел на педагогија затоа што тој во светски размери дава резултати, но и во пилот училиштата и во нашата држава и во приватните и во јавните исто така дава одлични резултати. Сметам дека на тој начин ќе постигнеме преминување од фактографско учење кон учење со разбирање и проблемско надминување на прашањата.
Ова денеска го изјави министерката за образование Мила Царовска, откако Владата на вчерашната седница даде целосна поддршка и ја усвои Концепцијата за основно образование, за која, како што соопшти, во нејзина подготовка беа вклучени сите засегнати страни, се слушнаа и се прифатија стручни мислења од експерти, универзитетски професори, претставници од МАНУ, наставници граѓански и меѓународни организации.
-Имаше неколку забелешки кои се дискутираа во јавноста, тоа беше наставниот предмет Историја или научната дисциплина што е интегрирана и таа останува интегрирана до шесто одделение. Во шестото одделение во насловот на самата група предмети одиме со Историја и општество, до шесто одделение со Општество, рече Царовска.
Дополнително, информира министерката, согласно Законот за употреба на јазиците од четврто одделение наставните јазици се воведуваат како изборни за граѓаните.
-Исто така имавме дискусија околу употребата на албанскиот јазик дали да биде во изборен или да биде како трет изборен јазик или да оди со странски јазици. Останавме на изборен предмет од шесто одделение како што е во наставниот план и исто така на почетокот имаше иницијатива да биде прво и шесто, да директно се влезе во предметна, но отидовме со прво и четврто, во суштина ги опфаќаме во одделенска настава, го правиме влезот на концепцијата за да има повеќе време за шестото одделение за наставните програми што веќе се интегрираат, таму почнува и предметната настава, истакна Царовска.
Повтори дека целиот процес е носен на најтранспарентен начин и наведе оти ова е прва концепција во државата за основно образование за што се водела голема и стручна дебата, и поради тоа смета дека истата ќе има голем успех.
-Во четврток треба да се распишат огласите за подготовка на програмите во наставните предмети согласно наставниот план и тука ги повикуваме сите експерти од високото образование, но исто така и што се вклучени во одделенска настава, да се вклучат во процесот на подготовка на програмите, затоа што е најважно да биде квалитетен процесот што ќе ги даде основите понатаму, рече Царовска.
Во подготовката на документот, како што сопшти вчера Владата, од самиот почеток активно беше вклучен и репрезентативниот синдикат СОНК, а се одржаа низа консултативни состаноци со засегнати страни и широка јавна расправа во Собранието.
Со дел од усвоените стручни мислења, Концепцијата за основно образование во фокусот ги става учениците и нивното право на квалитетно образование. Концепцијата е во најдобар интерес на децата и во насока на создавање едуцирани и одговорни граѓани, воспитувани во духот на граѓанските и демократските вредности на општеството што е и основен постулат на Конвенцијата за правата на децата на ООН, наведе Владата во соопштението.
Натаму се додава дека посебно место во Концептот на основно образование има континуираниот професионален развој на наставниците насочен кон стекнување и пренесување нови знаења за практичниот аспект на работата според стандардите за квалитет на воспитно-образовниот процес согласно европските трендови.