Искра Донева, пишува поезија од својата седма година, а нејзина најголема страст е формата хаику.
Во 2006 ја објави хаику збирката „Кој ќе ги згрее птиците“, а во 2009 збирката „Небеска раскрсница“.
Искра ги продава своите стихозбирки за да може да оди на операција во Русија која чини 70 000 евра.
Четири години по последната збирка, оваа амбициозна девојка не застанува, а на вчерашната промоција во Младинскиот културен центар во Скопје ги промовираше своите нови три хаику збирки „Скакулче игра плочка“, „Татко“ и „Лазарополски хаикуа“.
„Иако скромно, сакам со нивната продажба да допринесам за мое поскоро заминување на лекување во Русија што може да ми помогне да одам самостојно“, радосно вели Искра.
„Лекувањето подразбира неколку хоспитлизации во тек на две години, а собрани се само околу една десетина од парите, но јас не се предавам“, вели Донева.
За оваа тројна промоција во организација на здружението НОВА ИСКРА, кое е здружение на граѓани за мотивација и посреќен, поисполнет и попродуктивен живот на сите луѓе, особено на лицата со физичка и ментална попреченост, Жарко Којунџиски еден од промоторите, рече дека не памти кога последен пат на македонската литературна сцена се одржала промоција на три книги одеднаш.
Промотори на книгите беа реномираните автори и професори Александар Прокопиев и Владимир Мартиновски, како и Жарко Којунџиски, а поезијата беше интерпретирана од актеркта Арна Шијак. Со своја музичка програма настанот го збогати интернационално познатиот етно состав Љубојна.
Со оглед дека оваа девојка не наидува на помош, сите кои сакаат да донираат средства за подетални информации може да ја посетат нејзината фејсбук страна.
Темјана Поповска