Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје денеска изрази разочараност од Министерството за култура поради добиената поддршка од 546.000,00 денари за летната манифестација Скопско лето, која трае 40 дена од 21-ви јуни до 31-ви јули.
Тие посочуваат дека во напливот новосоздадени музички манифестации со џез предзнак според Конкурсот, нема место за традиционалниот БЛУЗ И СОУЛ ФЕСТИВАЛ, кој минатата година одбележа 25 години постоење.
Според Дирекцијата, веќе долги години по ред, под превезот на објаснувањата од типот за неопходност за децентрализација на културата, во програмите поддржани од Министерството во сосема несразмерен и неадекватен износ се поддржани програми кои значат буквално „позајмување“ на концептот на манифестацијата.
-Сега кога е активна кандидатурата на Скопје за Европски град на културата, ние сме соочени со маргинализирање на најголемата летна манифестација во главниот град. При тоа, компаративноста ни покажува дека за слични манифестации со содржини што често немаат никаква поврзаност со културата (и се нудат пред многу помал број потенцијална публика) е обезбедена далеку поголема поддршка, посочија во денешното соопштение.
Од Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје апелираат до Министерството да се задржи на поддршката на општествениот интерес, а не на личните желби.
-Користејќи го законското право, ќе бараме измена во одлуката во корист на нашите докажани и реномирани манифестации по кои светот не’ препознава, а овој допис до медиумите ни се наметна како неопходност да укажеме на итноста од почитување и на традиционалните вредности и континуитетот во работењето во културата, се наведува во соопштението на Дирекцијата.