Колумбискиот дефанзивец со македонски пасош Себастијан Херера би можел да биде ново име во редовите на македонската фудбалска репрезентација за претстојните мартовските квалификации со кои започнува патот за пласман на Мундијалот во 2022 година во Катар.
Поранешниот лев бек на македонскиот прволигаш Работчки и актуелен член на унгарската екипа МТК од Будимпешта, најави таква можност во изјава за локалните медиуми.
– Неодамна добив македонски пасош и во принцип, не постојат пречки да ѝ се приклучам на репрезентацијата. Не би сакал да ги прејудицирам нештата, но имам чувство дека ќе добијам покана за мартовските натпревари. Доколку стигне повик, подготвен сум пеш да одам до Скопје“, изјави 26-годишниот Херера за весникот „Немзети Спорт“.
Македонскиот селектор Игор Ангеловски неодамна најави оти не е исклучено во репрезентацијата да бидат повикани нови играчи за мартовските мундијалски квалификации, откако Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) на почетокот на февруари донесе одлука дека клубовите можат да им забранат на фудбалерите да играат за своите репрезентации додека на сила се рестриктивни мерки поврзани со пандемијата на коронавирус.