Македонските кошаркари поразени на стартот на евроквалификациите во Перм

Од:

Македонската кошаркарска репрезентација загуби попладнево од Италија со 92:84, во првиот од четирите завршни натпревари што до понеделник ќе ги игра во рускиот град Перм во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2022 година.

По резултатски изедначената прва четвртина што Италијанците ја решија во своја корист со 25:23, македонската репрезентација презеде константно водство до полувремето.

Предводени од ефикасниот Ненад Димитријевиќ, со 19 поени во првото полувреме, и со цврста игра во одбраната, „црвено – жолтите“ на една минута и 25 секунди до полувремето стигнаа до највисока предност од 43:35.

Италија со две тројки до полувремето ја „стопи“ предноста на македобските кошаркари, а по изедначената трета четвртина, противникот одигра многу подобро во завршните десет минути.

Македонските кошаркари немаа решение во одбраната, дозволувајќи им на Италијанците дури 29 поени во последната четвртина за конечни 92:84.

Најефикасен во македонските редови беше Димитријевиќ со 24 поени, запишувајќи и 12 асистенции, додека Џејкоб Вајли постигна 17 поени.

Македонската репрезентација утре го игра вториот натпревар на евроквалификацискиот турнир во Перм против домаќинот Русија во истиот термин од 15:30 часот.

Селекторот Александар Тодоров не беше незадоволен од прикажаното на натпреварот но истакна дека најважно е што овој тим покажал сосема поинакво лице во однос на ланските два евроквалификациски натпревари.

– Покажавме дека можеме да играме против тим кој е прв на рангирањето на ФИБА во моментов. Успеавме не само да бидеме рамноправни, туку и да водиме повеќе од 18 минути од мечот. Покажавме тотално поинакво лице во однос на натпреварите лани, изјави Тодоров на прес-конференцијата по мечот со Италија во Перм.

– Ова е група која како тим има светла иднина и група на која сум исклучително горд. Ни претстојат уште три натпревари кои ќе бидат многу тешки, но на крајот најверојатно се ќе се сведе на мечот со Естонија в понеделник, додаде Тодоров.

Македонските кошаркари утре ги продолжуваат квалификациите за пласман на Европското првенство против домаќинот на завршниот турнир, Русија.

Италија, која заедно со Германија, Чешка и Грузија, е коорганизатор на Европското кошаркарско првенство во 2022 година, е првопласирана во групата Б со максимални четири победи, Русија е второпласирана со две победи и два порази, Естонија е трета на табелата со една победа и два порази, а македонската репрезентација има три порази од исто толку натпревари.

Би можело да ве интересира

Кошаркарите на Партизан поразени од Барселона

Кошаркарите на Партизан поразени од Фенербахче во седмото коло од Евролигата

„Во последните осум години тој е најдобриот тренер во Европа“

Предраг Петровиќ

Европскиот првак го напаѓа Фенербахче без тројца играчи

Ефес го “прегази“ Макаби

Предраг Петровиќ

Шокантна одлука во НБА, има 21 година и се пензионира

Предраг Петровиќ