Македонија со вакцинирање би излегла од ковид – кризата дури во 2024 година ако дневно се вакцинираат по 2500 лица. Едноставна пресметка, под претпоставка дека ќе има доволно вакцини за да може секој ден да се вакцинираат по 2500 лица, покажува дека ќе ни требаат три години за 70 отсто од населението да биде вакцинирано со двете дози од вакцината за заштита од Ковид – 19 , како што препорачува Светската здравствена организација.
„Точна е пресметката, но секако 70% не ни сакаат да се вакцинираат туку 50% од полнолетните. Има едно 500.000 лица под 19 год, не сме 2 милиони, а 100.000 прележале. Значи ако сме 1,6 милиони минус 600.000, останува 1 милион, 50% од тоа се 500.000, така да реалното време е една година, што е премногу долго. Значи мора барем по 5000 во просек да се вакцинираат за да за 6 месеци имаме некаков резултат: Заштитени сите освен помладите од 20 години и оние кои не сакаат вакцина. 2500 е апсолутно премалку, мора да се оди кога ќе има вакцини и со 10.000 дневно“, вели микробиологот и професор на Медицинскиот факултет Никола Пановски за „А1он“.
Неговиот став е дека излез од кризата е можен и во поскоро време, ако најмалку двојно се зголеми бројот на дневно вакцинирани лица. Ќе излеземе од кризата, според Пановски, кога бројките на новозаболени дневно ќе се симнат под 20.
„Според мене, излегуваме од кризата ако без мерки на заштита, бројот на нови случаи во континуитет е под 20 позитивни на ден. Тоа може да го имаме во септември годинава ако се оствари тоа што го кажувам, просечно по 5000 вакцинирани на ден“, рече микробиологот Пановски
Министерот за здравство Венко Филипче пред десет дена, кога го најави потпишувањето на договорот за кинеската вакцина, рече дека вакцинацијата ќе почне на постојните вакцинални пунктови и дека очекува дневно да се вакцинираат од 2000 до 2500 лица. Од нив 880 во поликлиниките во Скопје, 500 во Клиничкиот центар, а останатите во другите градови. Тој остави можност за зголемување на капацитетите за вакцинирање со пренамена на модуларните болници.
„Имаме систем кој добро функционира, кој досега покажал резултати. Зависно од волјата за вакцинирање спремни сме да ги прошириме капацитетите. Во еден дел и модуларните болници може да се користат за вакцинирање. Тие се сега спремни, скоро секаде се поставени, пациентите се во старите делови на болниците и тоа е еден систем на кој што размислуваме“, рече министерот Филипче.
Вакцинирањето почна утрово во модуларната болница Инфективната клиника во Скопје. Први вакцината ја примија вработени во Инфективната клиника, а до крајот на денот се очекува да бидат вакцинирани 260 здравствени работници.
Според последните податоци од Министерството за здравство, 53.000 граѓани се пријавиле за вакцинирање преку онлајн апликацијата и 24.958 преку „Мој термин“ каде се закажува преку матичните лекари.
Министерот Филипче денес рече дека вакцинирањето ќе има континуитет оти следната недела се очекува од Србија да стигнат уште 3320 дози од вакцината на „Фајзер“, а до крајот на следната недела, според најавите на премиерот Зоран Заев, треба да стигнат и 200.000 дози од кинеската вакцина.