Организацијата за заштита на животната средина Фронт 21/42 му напиша писмо на премиерот Зоран Заев, во кое реагира на неговата изјава за малите хидроцентрали како „најеколошки енергетски проекти”, како и за неодамна усвоените Одлуки на Владата за малите хидроцентрали во НП Маврово и идниот НП Шар Планина.
Екологистите велат дека во области кои се прогласени за национални паркови не смее да се градат никакви енергетски објекти, а најмалку хидроцентрали. Тие бараат да се почитува националното и меѓународното право поврзано со оваа тема.
Еве го во целост писмото од екологистите до Заев:
„Ви се обраќаме во врска со Вашата изјава за мали хидроцентрали, дадена на прес конференција на 10.02.2021, како и со последните Одлуки на Владата поврзани со малите хидроцентрали во Националниот парк Маврово и идниот Национален парк Шар Планина.
1. Сериозно не загрижува дека на малите хидроцентрали гледате како на „најеколошки извори на енергија“, преку кои „се обезбедува бидоверзитетот, преку паралелно обезбедување на рибниот фонд и протокот на реките“. Особено е загрижувачки фактот дека овој став, како што наведувате, е во согласност со поуките на Вашите стручни советници (?!)
Влијанието на малите хидроцентрали врз природата, а особено врз протокот на реките и биолошката разновидност е дијаметрално спротивно од Вашиот и ставовите на Вашите советници. За целосно и точно информирање за истото Ве упатуваме кон следниве документи: Национална стратегија за заштита на природата, која на стр. 96 во анализата на Закани и предизвици за хидролошките вредности, влијанието на малите хидроцентрали, особено
кумулативното влијание, го оценува како „Голем степен на закана“; Извештајот за стратегиска оцена на Стратегијата за развој на енергетиката, во кој
негативното влијание на малите хидроцентрали се споменува во неколку наврати, на пример на стр. 77, во делот „ Закани за природата и биолошката разновидност и аштитените подрачја“ се наведува: Mоже да се констатира дека според бројот на планирани локации овие инфраструктурни објекти (мали ХЕЦ) за користење на водите се голема закана за природата.
Токму поради негативното влијание врз природата и биолошката разновидност, во истиот Извештај, особено се истакнува потребата од забрана за мали ХЕЦ во заштитени подрачја: Страна 136: „При изработката на Програмата за спроведување на Стратегијата за развој на енергетиката на Република Северна Македонија до 2040 година се препорачува при изборот на конкретни проекти да се изостават националните заштитени подрачја, како и подрачјата предложени за заштита (национална мрежа на заштитени подрачја, Емералд, Натура 2000).“
Декларацијата на Европската Комисија, која ја потпишавте во ноември во Софија „Зелена Агенда за Западен Балкан“: „Западниот Балкан е дом на некои од последните чисти реки на Европскиот континент, но нивната заштита останува и понатаму голем предизвик.“… Уникатен предизвик за реките во регионот е исто така нагло зголемување на капацитетот за хидроенергијата низ целиот регион дури четири пати помеѓу 2015 и 2017 година, имајќи значителни влијанија врз животната средина и социјалата, како на земјата, така и на поширокото регионално ниво… Главната задача што претстои е спроведување на законодавството поврзано со водите…“. Националната стратегија за води (2012-2042), која предвидува „Развивање на катастарски локацији за изградба на мали хидроцентрали, која ќе содржи конечна листа на локации каде да се изгради мала хидроелектрана водејќи сметка за животната средина, пределот и другите критериуми“. Потсетуваме на член 62, став 5 од Законот за води, кој налага почитување на оваа стратегија. Ова е само мал дел од постоечки документи, кои недвосмислено алармираат за негативното влијание на малите хидроцентрали врз природата и биолошката разновидност. За речиси сите наведени документи, сите надлежни институции во државата имаат законска обврска да ги почитуваат и спроведуваат.
2. На седницата на Владата, на крајот од декември 2020, усвоивте одлуки за продолжување на рокот за изградба на мали хидроцентрали на територијата на Шар Планина, за дел од која паралелно се одвива процес на прогласување за национален парк.
Проценката на влијанието на новиот Закон за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк многу јасно го оценува влијанието на малите хидроцентрали: „Неконтролираната и прекумерната градба на хидроцентрали го отежнува секојдневниот живот од аспект на водоснабдување и наводнување. Имено, една од причините за падот во земјоделското производство кај населените места е и намален проток во потоците и реките на вода заради МХЕ-и, зајакнато со зголемената тенденција на младото население да го напушти традиционалното земјоделско производство и сточарство и да бара вработување во блиските градови или во странство… “. „Со изградба на малите електрани, во рамките на подрачјето кое е предмет на идна заштита, се очекуваат дополнителни негативни влијанија како резултат на пробивање на пристапни патишта и сечење на вегетација (а многу често и високостеблеста вегетација). Ова, заедно со идните градежни активности (правење зафати, канали и изградба на машински згради), не само што го намалува шумскиот
фонд во подрачјето и уништува значајни живеалишта, туку е причина за создавање на свлечишта и потенцијал за идни зимски лавини, односно загрозување на човечки животи.“
И покрај ова укажување, јасниот став на локалното население против хидроцентралите, како и коментарите и барањата за стопирање на овие проекти од страна на граѓанските организации – Вашата Влада даде зелено светло за продолжување на овие планови. Ве потсетуваме дека во последниот извештај за напредокот на државата кон Европската Унија, Европската Комисија укажува на потребата за подобрување на учеството на јавноста во процесите на донесување одлуки за малите хидроцентрали.
3. Најпосле, Ве потсетуваме и на отворениот меѓународен случај против Македонија „Развој на хидро-енергетски проекти на територијата на Националниот парк Маврово“, пред Бернската Конвенција, при Советот на Европа. Случајот е отворен уште од 2013та година, поради тоа што Македонија упорно не ги исполнува препораките. Во последната Одлука, усвоена на 05.12.2020, Комитетот на Конвенцијата, повторно го потенцира барањето македонските власти да ги суспендираат сите планови за развој, концесии и процеси за издавање дозволи за нови хидроенергетски проекти на територијата на паркот.
Неполни две недели подоцна, Вашата Влада усвои одлука за продолжување на истечениот рок за изградба на двете хидроцентрали во паркот (Жировница 5 и 6) до 2023 година. Со ваквата Одлука, Владата директно го прекрши меѓународниот договор (Бернската Конвенција), а со тоа и Уставот (според кој меѓународното право е над националното) и Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори (кој грижата за спроведувањето на меѓународните договори јасно ја лоцира кај Премиерот и Претседателот на државата).
Поаѓајќи од сето ова, Ви укажуваме дека плановите за изградба на голем број мали хидроцентрали, вклучувајќи и проекти во заштитени подрачја, не се само одраз на недоволна информираност и ниска еколошка свест, тие се јасен показател на невладеење на правото во државата.
Бараме:
1. Да донесете Одлука за итно стопирање на сите планирани хидроцентрали на територијата на Националниот Парк Маврово, како и Одлука за спроведување на Стратегиска оцена на кумулативното влијание на сите планирани проекти во паркот,односно доследно да ја спроведете Одлуката на Бернската Конвенција;
2. Да донесете Одлука за стопирање на сите планирани хидроцентрали на територијата на Шар Планина, која е во тек на прогласување за национален парк, односно доследно да ја почитувате препораката од Извештајот за стратегиска оцена на влијанието на Енергетската стратегија, а со тоа и Договорот за Енергетска заедница кој ја потенцира ваквата обврска;
3. Да донесете Одлука за стопирање на сите планови за мали хидроцентрали се додека не се изработи и усвои документ со катастарски локацији за изградба на мали хидроцентрали, кој ќе содржи конечна листа на локации каде да се изгради мала хидроелектрана водејќи сметка за животната средина, пределот и другите критериуми, односно да ја почитувате Националната стратегија за води, а со тоа и доследно спроведете Законот за води, како и потпишаната Декларација „Зелена Агенда за Западен Балкан“;
4. Да ја воведете Забраната за изградба на мали хидроцентрали во сите заштитени подрачја, која се наведува во Програмата на Вашата Влада, токму во делот „Заштита на животната средина“, велат здруженијата од Фронт 21/42 во писмото до премиерот Заев.