Албанскиот премиер Сали Бериша на отворањето на дводневната Конференција „Соседите на Албанија“ што се оддржува во Тирана, изјави дека „соседите треба да се ослободат од старата ксенофобична и антиалбанска доктрина и заедно да работат за една цел, интегрирање на регионот во ЕУ”.
Како што пренесува дописникот на МИА од Тирана, Бериша на конференцијата истакна дека Албанија има добра соработка со соседите во борбата против криминалот и корупцијата, а нагласувајќи ја “големата историска неправда“ која му е нанесена на албанскиот народ, тој рече дека Албанците 20 години по соборувањето на диктатурата ги имаат постигнато најголемите достигнувања.
Конференцијата „Соседите на Албанија“ се оддржува во рамки на одбележувањето на 100-годишнината од независноста на Албанија, во организација на Институтот за човекови права при Универзитетот Колумбија и Центарот за стратегиски и меѓународни студии од Вашингтон.
Според албанските медиуми, на конференцијата учествуваат високи претставници на Албанците од регионот: Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора и Грција, за да разговараат околу унапредување и консолидација на соработка во сите области.
На конференцијата учествува и Теута Арифи, вицепремиер за европски прашања во владата на Република Македонија, која ќе има свое обраќање.