Активностите на терен изостануваат и покрај алармирањата дека водата од Преспанското Езеро почнува масовно да се повлекува, дека на брегот излегуваат камења и треви кои претходно биле под вода, а трската ги голта познатите плажи покрај езерото кои некогаш се сметале за национално богатство.
Допрво ќе се прават истражувања за да се види како може да се зачува водостојот на едно од најстарите езера во Европа. Дел од локалното население вели дека е згрозено од очајниот изглед на езерото, додека од локалната власт тврдат дека и низ историјата се случувало водостојот да варира. Дека водата е повлечена се гледа и од платформите кои се поставени на Преспанското Езеро, а кои изминатите години беа во езерото.
Разочарани од изгледот покрај жителите се и домашните туристи. Многумина коментираат дека езерото наликува на мочуриште поради нискиот водостој и калта околу него.
Градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски, вели дека проблемот е комплексен и дека треба да се направат комплексни истражувања за негово решение. Засега, ќе се уредува само брегот на езерото, за Ресен да има што да понуди кога ќе започне туристичката сезона.
„Најголемото намалување кое се случи за кратко време пред крајот на 2019 година и ние ги алармиравме сите институции. Како резултат на тоа се констатира дека треба да се направи експертска група и да се донесе акциски план. Како резултат на експертската група, се донесе акциски план кој предвидува долгорочни решенија, бидејќи проблемот со водата во Преспанското Езеро е комплексен. Не е едноставен за да бараме веднаш и сега да се реши. Меѓутоа, пред се, истражувања за нивото на водата која бега од Езерото. Тука е вклученоста и на трите страни кои го делат езерото. Се уште Министерството за животна средина нема почнато со некаква активност. Ние баравме со долгорочните мерки, да има и краткорочни мерки. Тоа беше прифатено и како резултат распишавме јавна набавка, односно тендер за уредување на брегот на езерото. Тоа не го решава директно проблемот со водата, но практично на некој начин ќе ја смени грдата слика на брегот на Преспанското Езеро. За да го реши проблемот со водата, пак ќе повторам, треба да се направам комплексни истражувања“, вели градоначалникот Гошаревски.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини за „А1он“ вели дека станува збор за долгорочен проблем, но дека акцискиот план нема да биде занемарен.
„Нема да биде лист хартија кој некој ќе го трга на страна. Ќе направам апдејт за да видам до каде е стигнат процесот. Секако потребно е време затоа што има различни типови на мерки, краткорочни, среднорочни и долгорочни. Во првите шест месеци се подготовките за спроведување на краткорочните и среднорочните планови. Идејата е Грција, Албанија и Северна Македонија да ги споредат податоците со кои располагаат. Да се обврземе дека подобро ќе ги следиме и ќе внимаваме каде и како водата се користи, дали повеќе се употребува или не, бидејќи загуба на водата се случува и тој процес мора да се ублажи“, вели Нуредини.
Планови има само на хартија, имплементацијата изостанува
Преспанското Езеро, Македонија го дели со Грција и Албанија. Сепак, најголемиот проблем е од македонската страна. Локалната власт вели дека е загрижена за езерото, но не стравува за негово исчезнување. Градоначалникот е задоволен и од исполнувањето на обврските за враќање на водостојот.
„Многу квази експерти се јавија со тој проблем. Тоа што го кажав, варијации и во историјата на езерото имало, како и пониско ниво. Највисокото ниво е 1967 година. Варијации има и ќе има. Јавната набавка и средствата кои ги добивме од Владата ќе бидат наменети за уредување на брегот односно познатите летовалишта каде имаме најголем број на посети. Ќе се чисти калта, ќе се прочистува песокот и на тој начин сакаме во пресрет да ѝ излеземе на претсојната туристичка сезона. Не е ова маскирање, ваква операција која е обемна од овој тип, првпат се случува во нашата држава“, додава градоначалникот.
Министерот Нуредини се согласува дека мониторирањето е клучот за трите држави, затоа што Македонија може да стори се што е во нејзина можност, но ако нема соработка со другите две држави нема да има никаков ефект или успех.
„Затоа постои трилетарлниот комитет кој го оформив и допрво ќе следуваат средби. Министерството за надворешни работи и Владата ќе го иницираат овој состанок, номинациите на членовите веќе се дадени, извинете што сето ова звучи административно, но работните групи кај трите држави мораат да ги разменат податоците и идеите“, вели Нуредини.
Причините за намалување на водостојот и натаму не се точно утврдени. Градоначалникот вели дека состојбата на водостојот се должи на климатските промени и зголемување на земјоделските површини. Експертската група составена од претставници на релевантните сектори на стручниот огран при Министерството за животна средина, УХМР, академијата и невладиниот сектор, во своите првични наоди како главни причинители, покрај климатските појави, за ваквата состојба прстот ги впериле кон тектонските појави, заедно со човековото делување.
Професорот Златко Левков од Институтот за биологија Преспанското Езеро го карактеризира како „екстремно болно и човек едноставно не знае од каде да почне да го лекува“. Климатските фактори, човекиот фактор и неодговорноста на државната и локалната власт, вели тој – сето ова влегува во причините зошто ова езеро станало „болен пациент и го има изгубено епитетот за едно од најзначајните езера“.
„Тоа е комбинација од многу фактори. Хартијата трпи сè, имаше вакви предлози, такви предлози, а на крај кога ќе видите што е направено – ништо не е направено. Тие ќе стават на брегот павер плочки и тоа спаѓа во уредување на брегот, а со тоа се прави уште полошо за езерото. Погрешните чекори прават уште поголеми проблеми. Дваесетина луѓе од различни области работевме на Акцискиот план и сфативме дека сето тоа е желботека и дека нема да се реализираат. Некои од тие работи бараат големи суми пари, а некои не чинат многу и се лесни за изведување. За некои работи не требаат многу пари, но едноставно нема волја нешто да се направи“, вели Левков.
Најболната точка, според него, е во фактот што станува збор за едно од ретките езера – само десет вакви езера како Преспанското постојат во светот, според еко-системот, а сега го има изгубено епитетот како едно од најзначајните.
„Се изгради мониторинг станица, прашајте колку анализи има направено таа станица. Проблемите се многу. Имаме екстремно болно езеро и не можеме да знаеме од каде да почнеме да го лечиме, кога сите системи му се откажани. Пред локалните избори можеби ќе направат нешто, но тоа ни оддалеку не му помага на езерoто. Па на самиот брег има дваесетина диви депонии, тргнете од тој факт. Постојано истото го зборуваме, но ефекти не гледаме. Јас едноставно сум скептик дека ова езеро некогаш ќе се врати, дај боже да грешам, но не верувам“, вели професорот Левков.
Владата за справување со катастрофата која го зафати Преспанското Езеро донесе и Акциски план за негов спас. Тој се состои од седум точки, од кои најголемиот дел се однесуваат на следење и прибирање информации. Наместо враќање на водата, првата точка се однесува на уредување и чистење на крајбрежниот појас.
„Ажурирање на Регистар на бунари и воспоставување на континуиран мониторинг на подземни води во Преспанскиот слив според законските прописи и досегашни искуства; Оптимизација и континуирано воведување на контролирано црпење на вода за наводнување на целата територија на подрачјето на Преспа согласно законските прописи и искуства; Порибување на Езерото со автохтони видови произведени во сливот на Преспанско Езеро со реставрација на дел од старите рибници во пределот на Езерани; Под итно одржување на состанок на Комитетот за Преспа Парк каде ќе се разговара со албанската и грчката страна во врска со начинот на управување, следење, размена на податоци и преземање на заеднички мерки со цел подобрување на состојбата со езерото; Воспоставување на заеднички меѓудржавен мониторинг за следење на квалитативната и квантитативната состојба на водите во сливот и на самото езеро кај сите три соседни држави; Надградба и целосно функционирање на националната хидролошка, метеоролошка и мониторинг мрежа за следење на квалитет на водните тела во сливот и на самото Езеро;“ стои во Акцискиот план на Владата.
„Акцискиот план содржи многу точки, не е само кванитетот на водата, туку у квалитетот, бидејќи квалитетот влијае врз биодиверзитетот. Затоа работиме и со Министерството за земјоделство. Сакам да потенцирам дека не обвинувам никого, а најмалку земјоделците, но мора да знаеме кои и какви пестициди се користат, како се наводнува земјата и процесот на иригација, дали се употребува методот капка по капка. Според податоците со кои располагаме, 3.500 литри вода треба да се користат за метар квадратен, а кај нас се користи речиси двојно. Повторно сакам да нагласам дека не обвинувам никого. Мора да сфатиме и дека климатските промени имаат влијание на нивото на водите, не само на Преспанското Езеро, туку на сите водени површини во државата“, вели министерот Нуредини.
Најголемото намалување на водостојот на Преспанското Езеро се случило на крајот од 80-те и почетокот на 90-те години, кога се откриени населби стари од 500 до 1000 години. Но, толкаво повлекување на водата не се случило 15 години наназад. Засега, охрабрувачки се единствено вестите од Хидробиолошкиот завод кои говорат дека почетокот на оваа година, нивото на водата е зголемено за 30 сантиметри.
„Првиот чекор мора да биде ублажување и запирање на загубите на вода, да се задржи постоечкото ниво на вода, да почне да се полни езерото а водостојот да се зголемува, и секако квалитетот на водата кој е исто така многу важен со цел да се зачува биодиверзитетот“, вели Нуредини, а на ова, професорот Левков додава:
„Староста на едно езеро се мери според тоа колкав е животинскиот свет во него“.
„Со овој прилог, А1он.мк се приклучува кон кампањата ‘Разбистри сè‘, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје“