Со грант од Амбасадата на Јапонија, инсталирано е ново, парно греење со пелети во подрачното училиштето во неготинското село Долни Дисан. Денеска увид на лице место извршија заменикот шеф на мисијата, Такахаши Сатору, неготинскиот градоначалник Тони Делков и Петар Мантев, директор на училиштето ,,Гоце Делчев” од Неготино, во чиј склоп, подрачно училиште е дисанското.
Делков појасни дека вредноста на грантот е 30.463 евра. Со тие пари, како што нагласи, старите печки на дрва што се користеа во училиштето, сега се заменети со радијатори. Упатувајќи благодарност и надеж и за идна соработка. Тој додаде дека со ова се подобрени условите за следење на настава на 120 основци до деветто одделение, но и за работа на наставниците.
Такахаши Сатору исто така изрази задоволство од соработката на овој проект, поддржан од јапонската програма за мали грантови. Тој појасни дека е ова плод на соработката помеѓу Амбасадата на Јапонија, Вардарски плански регион и Општината Неготино.
Благодарност изрази и Мантев, кој потсети дека училиштето е изградено во 1963 година и дека грантот е бенефит за целокупното население.