„Коронавирус – Северна Македонија: Србија ги достави до земјата првите вакцини“; „Србија ѝ достави 4.680 дози на вакцината „Фајзер“ на Северна Македонија“; „Србија ѝ ги предаде на Северна Македонија првите вакцини против коронавирусот“; „Северна Македонија: Пристигнаа првите дози на вакцината „Фајзер“ од Србија“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми за вчерашното примо-предавање на вакцините од Србија за Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.
Медиумите во Грција, го пренесуваат текстот објавен од грчката новинска агенција АНА-МПА, под наслов „Србија на С. Македонија ѝ ги предаде првите вакцини против коронавирусот“, во кој пишува дека пристигнаа 4.860 дози на вакцината „Фајзер“, од вкупно 8.000 дози од Србија.
– Претседателот на Србија, Александар Вучиќ лично му ги предаде вакцините на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, на церемонијата што се одржа на границата меѓу двете земји, на граничниот премин Табановце, под силни врнежи од снег и голем студ. Ова се првите вакцини против Ковид-19, испорачани за Северна Македонија, која е една од малкуте земји во Европа, во кои не е започната имунизацијата на населението, пишува АНА-МПА, а во текстот се пренесени и изјавите на Заев и Вучиќ за време на примо-предавањето на вакцините.
Грчката новинска агенција додава дека „Северна Македонија се надеваше дека навремено ќе обезбеди вакцини или директно од фармацевтските компании од западните земји или од механизмот Ковакс на СЗО, но тоа не е беше можно, барем засега и затоа Скопје се обрати до кинеската Синофарм“ и објаснува дека во текот на февруари ќе стигнат кинеските вакцини.
Јуроњуз на грчки јазик, во прилогот од примо-предавањето на првите дози, ги пренесува изјавите на премиерот Заев и претседателот Вучиќ и додава дека првата пратка е половина од планираните вакцини од Србија за Северна Македонија.
– Срдечната прегратка меѓу Зоран Заев и Александар Вучиќ на граничниот премин меѓу Северна Македонија и Србија ја запечати донацијата на вакцините на Фајзер од Белград за Скопје, објави Јуроњуз на грчки јазик на почетокот од прилогот.