Заврши со работа Првата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Од:

Во рамки на националната платформа за одбележување на 100-годишнината од раѓање на Блаже Конески, вчера заврши со работа Првата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ).

Како што информираа организаторите за МИА, првата зимаска школа на МСМЈЛК, на далечина (онлајн) преку зум платформата во времетраење од десет работни денови, секој ден по 4 часа, во периодот од 25 јануари до 5 февруари 2021 година со вкупен фонд од 40 часа, значи отпочнувањето на прославата на овој голем јубилеј.

На отворањето на првата зимска школа пригодни видео-обраќања имаа претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски и министерката за образование и наука, Мила Царовска. Додека со поздравна реч на семинаристите им се обратија ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски и директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

-И ете, 10-те работни денови се истркалаа, 40-те одработени лекторски часови летнаа (иако само лекторите знаат колку енергија потрошија, но и колку љубов дадоа и примија). Со мирно срце може да се заклучи дека сите пријавени беа пред своите екрани (зашто наставата се одвиваше на далечина на зум платформата). 50-те слушатели од 15 земји со страст (како оние мигови кога на часови се доаѓаше со националното знаме во позадина или кога се следеше наставата во кошула со македонски вез или кога паузите се обојуваа со убавата македонска песна, и со народната, но и со онаа на Каролина Гочева), но и со голема професионална посветеност одговорија на сите предизвици поставени од страна на нивните лектори: д-р Борче Арсов и м-р Биљана Стојановска (почетно ниво на познавање на македонскиот), д-р Гордана Алексова и м-р Бојан Петревски (средно ниво), м-р Бобан Карапејовски (напреднато ниво за јазик), д-р Весна Мојсова-Чепишевска и Елена Ѓорѓиовска (напреднато ниво за литература) и Роза Тасевска и Јован Ковачевски (напреднато ниво за преведување). Наставата за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик се одвиваше по учебниците за македонски јазик за странци (достапни и на официјалната страница на УКИМ како ПДФ): „Тешкото“ од Симон Саздов (почетно рамниште), „Лозје“ од Гордана Алексова (средно рамниште), „Златоврв“ од Анета Дучевска (напреднато рамниште – јазик) и „Везилка“ од Весна Мојсова-Чепишевска (напреднато рамниште – литература и култура), во издание на УКИМ. Впрочем, и преку самите наслови на учебниците, инаку позајмени од творештвото на Блаже Конески, ние му се оддолжуваме и поклонуваме на великанот и на тој начин, истакна Весна Мојсова-Чепишевска.

За своето учество посетувачите на Зимската школа добиле Уверение. Претходните 53 Летни школи и 47 Меѓународни конференции дадоа околу 4500 досегашни учесници од 50 земји во светот меѓу кои се наоѓаат имињата на истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странските универзитети, слависти, балканисти, преведувачи, фолклористи, етнолози, археолози, научници и студенти што го изучуваат македонскиот јазик по универзитетите во светот.

Според Мојсова-Чепишевска, МСМЈЛК е еден вистински продолжувач на она што го започнаа Ѓорѓија Пулевски и Крсте Петков Мисирков кои први ја истакнаа посебноста на македонскиот јазик.

Би можело да ве интересира

Маричиќ: Македонскиот јазик е засекогаш вграден во мозаикот на европските јазици, а ние никогаш нема да се откажеме од нашата европска иднина

A1on

Донесен Законот за употреба на македонскиот јазик кој ќе го замени досегашниот стар 25 години

Костадиновска-Стојчевска: Македонскиот јазик не е и нема да биде прашање за преговори или компромиси

Мојсова-Чепишевска: Уште утре треба да почне новото поглавје на развојот на македонистиката во Риека

Ана Ололовска

Институции и културно-историски знаменитости вечерва ќе бидат обоени во чест на македонскиот јазик

Ана Ололовска

Чествување на македонскиот јазик во УКИМ, доделени признанија за придонес за афирмација на македонистиката