Девојки кои биле жртви на таканаречената „Јавна соба“ на Телеграм минатата година, успеале да го најдат телефонскиот број на еден од администраторите на групата и го молеле да ја избрише, бидејќи нивни фотографии вклучително со телефонските броеви, биле споделувани со илјадници членови.
Таа група функционираше подолго време, а во разговор за „А1он“ администраторот со прекар Медо тогаш тврдеше дека нема можност да се избрише оти самите членови ја презеле. Но, дел од девојките со нас споделија разговори со овој администратор, за тоа како го замолуваат да ја избрише групата, а тој им вели: „Мене не ми пречи. Не ме замара групата“.
Во прилог е дел од разговорот меѓу девојката и администраторот.
Оваа група на Телеграм беше обелоденета лани во јануари. Таа се затвори, под притисок на јавноста, а еден од администраторите сам се пријави во полиција и го предаде својот мобилен телефон. Случајот заврши во обвинителството, кое една година молчеше во однос на случајот, кој беше во предистрага, се до денеска кога две лица беа приведени за производство и ширење детска порнографија и им беше определен 30-дневен притвор.
Сепак, голготата на девојките-жртви на Јавна соба не заврши тука. Нивните телефонски броеви се најдоа пред очите на илјадници луѓе, а дел од нив се уште добиваат пораки со повици за секс од непознати лица.
Во прилог е само една илустрација која со нас ја сподели една од жртвите, за тоа какви пораки добивала откако нејзина фотографија и телефонски број бил објавен во Јавната соба на Телеграм.
Најавени се измени во Кривичниот законик, каде „демнењето“ ќе биде вметнато како кривично дело, а невладините организации обединети под Платформа за родовна еднаквост бараат во Кривичниот законик да се регулира и сексуалното вознемирување на Интернет, за што во средата се одржа и протестен марш.