Судија на претходна постапка им одреди 30-дневен притвор поради опасност од бегство на администраторот и модератот на „Јавна соба“, групата на Телеграм која беше активна минатата година.
Тие се сомничат за производство и дистрибуција на детска порнографија.
„На Д.К. и М.П. им определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на сите основи од член 165 ст.1 т.1,2 и 3 од ЗКП односно опасност од бегство, основан страв дека ќе ја попречи истрагата со влијание на сведоците и ќе го повтори или доврши кривичното дело.Против овие решенија странките имаат право на жалба до Кривичниот совет“, стои во објавата на Основниот кривичен суд.
Еден од администраторите на групата на Телеграм се водеше под прекарот „Медо“, а минатата година „А1он“ разговараше со него – тој тврдеше дека групата не била отворена со намена за размена на порнографски материјали, туку излегла од контрола кога илјадниците членови ја презеле групата. Тој самиот се пријави во полициска станица и го предаде својот мобилен телефон, а тогашниот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев изјави дека имаат релевантни сознанија за лицата кои членувале во групата и разменувале фотографии.
“Во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете. Бидејќи постои опасност од бегство, можност да влијаат врз сведоците или да го повторат кривичното дело, јавниот обвинител за двајцата осомничени на возраст од 32 и 21 година, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, информираа од Обвинителството претпладнево.
Оттаму додаваат дека поради обемноста на анализираниот материјал споделуван во оваа група, а со цел да се утврди идентитетот на сторителите на кривични дела и да се обезбедат релевантни докази на законит начин, во текот на предистражната постапка досега било неопходно да се издадат 20 наредби и барања до Министерството за внатрешни работи.
„По овие наредби и барања биле доставени известувања и анализи. Поради сензитивноста на самиот предмет и тајноста на предистражната постапка согласно Законот за кривична постапка, до овој момент Обвинителството не било во можност да ги сподели овие податоци со јавноста. Во врска со досегашните пријави од оштетени и жртви за определени членови на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, и натаму се прават проверки во предистражна постапка, па доколку се утврди дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност, Јавното обвинителство ќе постапи согласно своите надлежности“, информираа од Обвинителството.