На патеката „Жил Вилнев“ во Монтреал следниов викенд се вози Големата награда на Канада, а за годинешното издание на ова гран при Пирели ги обезбеди „супермеките“ и „медиум“ пневматиците од четирите смеси кои се на располагање во текот на 2013 година.
Во минатото на оваа патека се возело комбинирајќи „меки“ и „супермеки“ пневматици, а екипите беа поделени меѓу едно и две застанувања во боксот, бидејќи трошењето на гумите не е големо, но конфигурацијата на патеката овозможува лесно престигнување на правците.
– Канада е една од најнепредвидливите трки во сезоната, а ова делумно се должи на тоа што е тешка за пневматиците, најмногу поради силните сопирања, како и добрата тракција што се бара за оваа патека. Надополнето со високиот степен на еволуција на патеката (која не се користи за други трки во текот на сезоната – з.а.), менаџментот на гумите е еден од клучевите за успех во Монтреал,- вели Пол Хембери од Пирели. – Ние очекуваме две до три застанувања за секој болид, но ќе бидеме во ситуација да дадеме поточна прогноза по петочните тренинзи. Ова е патека каде што временските услови имаат клучна улога,- потсети директорот за моторспорт на италијанската компанија, додавајќи дека очекува да види различни стратегии за време на трката.