Италијанскиот министер за здравство, Роберто Сперанца, ги свика регионалните власти за да разговараат за новиот план за вакцинација против Ковид-19, откако производителите на вакцини „Фајзер“ и „Астра Зенека“, единствените што се користат во Италија, ја намалија испораката на договорените количини на лекот, јавија италијански медиуми.
Според првичниот план, производителите требаше да и достават на Италија околу половина милион дози вакцини неделно, но по првите испораки, испораката беше драстично намалена.
Досега во Италија се вакцинирани два милиона и 121.000 лица, од кои речиси 800.000 ја примиле втората доза.
Фондацијата Хумана, што ги следи и анализира епидемиолошките податоци, пресмета дека, доколку вакцинацијата против Ковид-19 во Италија продолжи со сегашното темпо, колективен имунитет може да се постигне дури во септември 2023 година.