По критиката на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов на изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев за отварање на Српски културен центар во Скопје и повторното воведување на српски јазик во образовниот систем во Македонија, во Србија нема реакции од властите, но не престануваат коментарите и критиките во медиумите.
„Кој тоа го зајакнува српскиот јазик: Влијание? Бугарски препукувања упатени до Северна Македонија, преку грбот на Србија“ (Блиц), „Бугарска офанзива на Белград: „Лудило“ на вицепремиерот„(Србија денес), „На бугарскиот министер му пречи воведувањето на српскиот јазик, па му порача на Скопје – не ви е ова пријава“ (Новости), „Неразбирлив сон на Бугарија-Србија им е виновна за постоењето на Македонија„(Спутник Србија), „Бугаринот најстрашно ја плукна Србија! Србите се џелати на Македонија, а вие им го честитате Свети Сава, воведувате српски јазик…“ (Правда), „Бугарскиот вицепремиер ја нарече Србија џелат на Македонија!“ (Ало)….се наслови од повеќе српски медиуми кои изминативне три дена пишуваат на оваа тема.
Денеска, поранешниот српски амбасадор во Русија, Бугарија и Белорусија, Среќко Ѓукиќ, коментирајќи ја за агенцијата Бета активноста на министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ во првите 100 дена од српската влада, оцени дека неговата работа не заслужува позитивна оценка.
-Тој за 100 дена ги посети само Кипар и Бугарија. Посетата на Бугарија беше брзо анулирана, бидејќи министерот за одбрана, Красимир Каракачанов жестоко ја нападна Србија поради одлуката на Северна Македонија да го воведе српскиот јазик во училиштата. Тој напад остана без одговор од српска страна, што е недопустливо, изјави Ѓукиќ.
Задачата на министерот Селаковиќ беше да ја покаже насоката на надворешната политика на Србија во првите 100 дена, но во тој поглед тој не направи ништо, оцени Ѓукиќ.
-Селаковиќ не посети ниту една соседна земја, освен Бугарија, никој од соседните не го посети Белград и немаше ниту еден телефонски разговор, изјави амбасадорот Ѓукиќ.