Администраторите на „Јавна соба“ отворија нова група по денешните апсења на едно лице во Битола и едно лице во Велес поради овој случај.
Кусо време откако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски јави за апсењата, групата почна да се полни со една иста порака во која стои известување дека е направена нова група, а администраторот повикува да му пишуваат во приватна порака за да им ја испрати.
Министерот Спасовски пред еден час извести дека се уапсени две лица за случајот „Јавна соба“, а по него премиерот Зоран Заев, исто така преку социјалните мрежи, извести дека испратиле категорични барања до социјалната мрежа Телеграм да ја избрише групата „Јавна соба“ и дека ќе инсистираат на тоа барање сѐ до негово конечно исполнување, а ја најави и можноста за целосно блокирање на апликацијата кај нас, не поради цензура туку за заштита на граѓаните.
„Доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот Јавна соба каде се споделува порнографска и приватна содржина од наши граѓани, како и детска порнографија, ќе ја разгледаме и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во Северна Македонија, сѐ додека не почнат да соработуваат со нас, со единствена цел да се затвори проблематичната група и да ни помогнат во откривање на идентитетот на оние кои споделуваат слики и прават кривично дело. Нам како Влада ни на крај памет не ни паѓа да цензурираме комуникација, но ова е нешто друго и мораме да си ги заштитиме своите граѓани“, напиша премиерот Заев.
Тој упати порака до корисниците на групата до крајот на денот да излезат од неа оти од сите ќе се бара одгворност.
„Сакам да упатам порака и до сите наши граѓани кои споделуваат слики и содржина на таа група во сопственост на други сограѓани, во истиов момент да престанете да го правите тоа и да излезете од таа група. На крајот на денот ќе ги добиеме податоците, ќе бидете обвинети и ќе одговарате за тоа што го правите“, апелира премиерот Заев.
Министерството за внатрешни работи, премиерот извести дека е влезено во трага на дел од лицата кои недозволено објавуваат фотографии и вознемирувачки содржини. Две лица, едно во Битола и едно во Велес се приведени во врска со случајот, а МВР работи во координација со Јавното обвинителство со цел целосно расчистување на случајот и соодветно санкционирање на сторителите.
Тој ги охрабри жртвите на ова насилство и вети дека ќе бидат преземени сите неопходни чекори за нивна заштита.