Обвинителството една година ги анализира телефоните на оние кои објавувале разголени фотографии од девојчиња во „Јавна соба“

Од:

Точно една година нема епилог за случајот „Јавна соба“, кога за првпат беше обелоденето дека илјадници членови на социјалната мрежа „Телеграм“, во тајна група споделуваат експлицитни фотографии и видеа од девојчиња од Македонија, вклучително со нивните имиња и телефонски броеви.

Во меѓувреме, се отворија неколку нови групи под истото име, процесот на споделување приватни фотографии продолжува, а епилогот од институциите изостанува.

Минатата година, „А1он“ стапи во контакт со креаторот на првата група, каде што бројот на членови секојдневно растеше. Се споделуваа лични искуства со девојки, видеа на кои јасно се гледаа ликовите на девојките, од кои дел јавно проговореа откако телефоните им се преполнија од пораки од мажи кои им бараа сексуални услуги.

„Моето сандаче е полно со фотографии од машки полови органи и луѓе кои ме прашуваат колку треба да платат за секс“, ни изјави тогаш една од жртвите, чии фотографии кои ги испраќала на нејзиниот сега веќе бивш сопруг, се нашле на телефонските екрани пред над 7.000 корисници на „Телеграм“.

Тогашниот администратор, со кодно име „Медо“, сам се пријави во полициска станица и го предаде својот телефон. Тогаш бевме сведоци на тоа како тој се обидува да ја избрише групата на „Телеграм“, но тоа беше невозможно бидејќи таа веќе беше во рацете на членовите кои постојано и постојано постираа нови порнографски фотографии од девојки од Македонија.

„Сакавме да направиме група со видеа и забавни клипови кои во ниту еден случај не содржат порнографија. Тоа и го направивме, односно стануваше збор за група за смешни видеа и нагласивме дека е за членови кои имаат над 18 години, бидејќи сите под 18 имаат Инстаграм. Стануваше збор за приватна група која не можеш да ја најдеш преку пребарувач, освен ако некој не те додаде и тоа се уште е така. Но, еден администратор додал еден член, друг додал трет и така за два дена групата имаше речиси 500 членови, а од членовите на групата не беа барани лични податоци, бидејќи така би го прекршиле член 149 од Законот за заштита на лични податоци. Затоа решив да ја избришам групата, според точните упатства на Телеграм“, раскажа тогаш администраторот.

Но, кога групата ќе надмине извесен број членови, таа ја преземаат членовите и веќе станува невозможно да се избрише.

Една година случајот е во предистрага во обвинителството

Во текот на минатата година, во неколку наврати се обидовме да добиеме одговори за тоа до каде е истрагата за овој случај, иако во меѓувреме групата „Јавна соба“ на „Телеграм“ згасна. Постојано одговорите се сведуваа на тоа дека случајот се истражува.

Сличен одговор од Јавното обвинителство добивме и денеска, од каде велат дека случајот се уште е во предистражна постапка.

„Во предметот за кој покажувате интерес се преземаат дејствија во рамките на предистражната постапка, односно се врши детална форензичка анализа на извадените податоци од запленетите мобилни телефони со цел да се обезбедат докази за евентуално сторено кривично дело. Што се однесува до новата група со слична содржина, Јавното обвинителство ги следи информациите и ќе постапи доколку бидат утврдени елементи на кривично дело“, велат од обвинителството за „А1он“.

Од МВР денеска го повикаа „секој граѓанин што е жртва на ваква злоупотреба да пријави во најблиската полициска станица, а МВР во координација со обвинителството презема соодветни мерки“. Но, тука следуваше и продолжение на соопштението, во кое се вели дека „Телеграм“ демонстрира целосна затвореност со владите во државите, што практично значи дека рацете на Министерството се врзани.

Потврда за ова е и денешното сведоштво на 28-годишна девојка, која веќе пријавила дека била предмет на злоупотреби во групата „Јавна соба“ и дека пријавила во полиција, но ѝ било кажано дека не може да се направи ништо, бидејќи таа е полнолетна.

Во меѓувреме, македонската јавност врие од реакции. Дел од нив се сведуваат на двојни виктимизации на жртвите, па се шират коментари од типот „самите си го барале“, а дел од граѓаните бараат законски измени со цел ваквиот вид на сајбер-булинг да биде соодветно санкциониран.

„Сметаме дека е скандалозен и недозволив односот на Јавното обвинителство, од кое се очекува да го процесуира случајот во насока на докажување на вина и санкционирање на креаторите и учесниците во еден ваков сериозен облик на сексуално вознемирување на девојки, од кои голем дел се и малолетни. Потсетуваме дека оној кој ќе објави приватни видеа на интернет со порнографска содржина, може да одговара за кривичното дело „злоупотреба на лични податоци” член 149 од Кривичниот законик, за кој е предвидена парична казна или казна затвор до една година. Доколку на видеата има прикажано малолетник, сторителот кој ја произвел детската порнографија со цел нејзина диструбуција, или ја пренел или ја нудел преку компјутерски систем ќе одговара за „производство и дистрибуција на детска порнографијa” член 193-а став 3 од Кривичниот законик за кој е превидена казна затвор од најмалку осум години. Ние како претставници на граѓанскиот сектор ќе инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик“, изјавија денеска од Платформата за родова еднаквост.

Би можело да ве интересира

Поведена истрага против жител на струшко Велешта за детска порнографија

Телеграм ја прилагоди својата политика за приватност за да сподели повеќе податоци со властите

Украина ја забрани употребата на Телеграм на официјалните уреди на службениците

Дуров: Помогнав во борбата против тероризмот во Франција

Шефот на Телеграм Дуров останува во притвор во Франција

Катерина Ѓуровски

Уапсен сопственикот на Телеграм