Македонскиот фудбалски шампион во младинска конкуренција Шкендија идната недела ќе го дознае противникот во првото коло од новата сезона во Лигата на шампиони на УЕФА.
Жрепката е закажана за в среда од 12 часот во седиштето на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) во Нион.
Учесниците, вкупно 64 екипи, се поделени во две групи, а Шкендија својот противник ќе го добие од т.н. шампионска група во која најзвучни имиња се младинските екипи на Бенфика, Галатасарај и Глазгов Ренџерс.
Шкендија трета сезона ќе учествува во младинската Лига на шампиони, чие овогодишно издание ќе стартува на 2 и 3 март во првото квалификациско коло.
Во претходните две учества, младинците на Шкендија беа елиминирани во првото коло од словачкиот тим Нитра и украински Динамо Киев
Согласно пропозициите, победниците ќе биде одлучени во еден натпревар, а домаќините ќе бидат одредени со жрепката в среда.