Норвешките власти оставија на лекарите да одлучуваат кој треба да се вакцинира против Ковид-19.
Норвешката агенција за лекови вчера соопшти дека вкупно 29 лица имале несакани ефекти, од кои 13 биле фатални, а сите смртни случаи се пациенти во домови за стари лица, сите постари од 80 години.
Агенцијата ги наведе треската и гадењето како несакани ефекти, сметајќи дека тие може да доведат до смрт на „некои слаби пациенти“, како што објасни Сигурд Хортемо од Норвешката агенција за лекови во првиот извештај за несаканите ефекти.
Според официјалните податоци, од крајот на декември повеќе од 30.000 луѓе во Норвешка ја примиле првата доза на вакцина против коронавирусот на Фајзер или Модерна.
– Ова не не вознемирува. Сосема е јасно дека овие вакцини имаат многу низок ризик, со мал исклучок за најслабите пациенти, рече Стеинар Мадсен, медицински директор на агенцијата за норвешкиот радиодифузер НРК.
– Лекарите сега мора внимателно да размислат кој треба да се вакцинира. Оние кои се многу слаби и на самиот крај на животот можат да бидат вакцинирани по индивидуална проценка, додаде тој. Норвешката агенција за лекови нагласи дека 21 жена и осум мажи имале несакани ефекти од вакцините.