Советот на општината Крива Паланка донесе одлука да се распише јавен повик за поставување голем часовник на покривниот дел од новата административна зграда која е во фаза на изградба и претставува составен дел на веќе постојната општинска зграда.
– Сметам дека со поставувањето на часовникот градот ќе добие една препознатлива туристичка атракција, истакна Алексовски.
Тој додаде дека идејата произлегла од фактот што во овој дел од градското урбано јадро непосредно во близината на административната општинска зграда некогаш постоел градски часовник за што сведочи колективната меморија кај возрасните кривопаланчани, како и од зачуваните фотографии од овој објект.
Новиот часовник за кој веќе е во подготвителна фаза, а проектот би чинел од 10.000 до 12.000 евра. На него освен што ќе има простор за рекламирање на донаторот, од двете страни ќе има стрелки кои ќе го означуваат времето, ќе има и звучно одѕвонување, покажување на датумот и температурата во градот, истакна Арсенчо Алексовски, градоначалник на Општина Крива Паланка.