Одговорот на прашањето зошто Европската унија се уште ја нема одобрено руската вакцина, лежи во фактот дека Русија првенствено не ја смета за своја цел промоцијата на вакцината „Спутник V“. Главниот приоритет е вакцинирање на руското население, изјави рускиот претставник во ЕУ, Владимир Чижов за Русија-24 на почетокот на декември.
– Промовирањето на нашата вакцина на територијата на Европската унија не е само по себе цел на Русија и нашите производители. Главната цел е да се обезбедат вакцини за руското население, рече Чижов.
Втората цел е да се утврди производството на руската вакцина во оние земји што изразија интерес за тоа.
Интересно е што во ноември, Унгарија стана првата земја на ЕУ која доби примероци од руската вакцина „Спутник V“ за анализа.
Што мисли ЕУ за „Спутник V“?
Германската канцеларка Ангела Меркел пред неколку дена изјави дека е „отворена“ кон идејата за производство на руска вакцина во Европската унија.
Во вторникот, Меркел разговараше со рускиот претседател Владимир Путин за стратегиите за борба против пандемијата на коронавирусот и за време на телефонскиот разговор таа рече дека е „отворена за идејата за билатерална соработка со цел користење на европските производствени капацитети за руската вакцина“, изјави заменик-портпаролот на германската влада, Урлике Демер, а пренесе Политико.
Германија јасно стави до знаење дека тоа ќе се случи само кога Европската агенција за лекови (ЕМА) ја одобри руската вакцина Спутник V.
Европските регулатори досега ја одобрија вакцината на Фајзер и Бионтек и вакцината против коронавирусот на Модерна. Сепак, ЕМА сè уште нема добиено официјално барање за проценка на руската вакцина против Ковид-19.
„Спутник V“ е првата регистрирана вакцина против коронавирус во светот, изработена од Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“. Досега над 20 земји ширум светот нарачаа руска вакцина.