Норвешка ја укинува забраната за летови од Велика Британија, воведена со цел да се запре ширењето на новиот, позаразен вид на вирусот корона, а на авионите ќе им биде дозволено да слетаат од 2 јануари, соопшти денеска норвешкото Министерство за здравство, пренесува Ројтерс.
Следејќи го примерот на другите европски земји, Норвешка ги прекина летовите од Велика Британија на 21 декември по веста дека новата мутација на вирусот се шири побрзо.
Осло во четвртокот објави дека од 2 јануари ќе воведе задолжителни тестови за сите луѓе кои пристигнуваат во Норвешка од странство, или веднаш по пристигнувањето, или во рок од 24 часа по пристигнувањето.
Бројот на нови случаи на коронавирус во последните 14 дена на 100.000 жители во Норвешка, според податоците од средата, се намалил на 113,6, што е четврти најмал број во Европа, по Исланд, Грција и Финска, според Европскиот центар за превенција и контрола на болести.