Светската премиера на долгометражниот игран филм „Барајќи ја Венера“, кој е косовско-македонска копродукција, ќе се одржи во февруари на Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам, селектиран во програмата Tiger Competition.
Филмот е дебитанско остварување на режисерката Норика Сефа, снимен од продукциите „Круг филм“ и „Аудиохаус“ и поддржан од Агенцијата за филм. Тонската постпродукција и звучниот дизајн беше сработен во продуцентската куќа „Аудиохаус“ од Скопје.
Македонски продуценти на проектот се Дејан Крајчевски и Игор Поповски. Од косовска страна продуцент е Бесник Крапи, сценариото е на Сефа, а кинематографер е Луис Армандо Артеага.
– Филмот раскажува приказна за скромната тинејџерка Венера која живее во мало село во Косово. Во нејзиниот дом живеат три генерации, така што таа нема многу приватност. Надвор, на улиците и во кафулето, не е многу подобро: селото е мало и секогаш има брат, внук или сосед, кој внимава на неа. Од една девојка се очекува пред сè да ја заштити својата добра репутација – и таа на нејзиното семејство…Станува збор за исклучително сензибилен филм во кој македонската поддршка во тонскиот дизајн и конечната реализација беше клучна да се реализира вакво несекојдневно остварување кое стана дел од трката за награда во еден од најзначајните европски филмски фестивали. Се радуваме на успехот и се надеваме дека регионалните копродукции се еден од начините да станеме дел од европската карта на филмските фестивали, соопштија продуцентите.