Таксим трио и „Биоскопиа“ вечер на ОФФест

Од:

По синоќешното отворање со настапот на ситаристката Анушка Шанкар, ОФФест продолжува вечер во МОБ со концерт на  турското Таксим трио и проектот „Биоскопиа“ на нашите Елена Христова и Горан Трајкоски.

„Биоскопиа“ произлезе од соработката на Горан Трајкоски (Сарацени, Падот на Византија, Мизар, Апореја, Анастасија) и Елена Христова, вокалистка на македонскиот етно состав „Баклава“, од неодамна и пејачка во популарниот турски бенд Баба Зула. Овој нивен заеднички албум содржи 14 архаични, традиционални, лирски и обредни македонски песни во чија автентично осмислена обработка успеваат да го втиснат својот личен, авторски печат.

Избрани од Христова, а аранжирани, програмирани и продуцирани од Трајкоски, композициите, како што велат организаторите на ОФФест, претставуваат извонреден спој на различни музички изрази и влијанија,  од византиската традиција преку класичните форми до модерните текови и струења. Благодарение на креативниот потенцијал на двајцата музичари, во „Биоскопиа“ е остварен импресивен спектар на акустични и електронски инструменти, хармонски и ритмички решенија, расположенија и емоции. Станува збор за музика што произлегува од богатото наследство на македонскиот народ, надградено, дополнето и адаптирано за слушање денес и утре.

Таксим трио кое вечер настапува по Трајкоски и Христова, е еден од најинтересните музички феномени на Истанбул, супер-група составена од три врвни музичари. Посветени на своите инструменти и на меѓусебното пријателство, Таксим трио претставува возвишен пример за она што се случува кога три сродни музички души се соединуваат во една. Низ својата музика, тие ткаат магија, со ориентални звуци што звучат древно, но во исто време свежо и современо. Истанбул со векови е точка во која Истокот се среќава со Западот, и токму врз оваа идеја Таксим трио ја гради својата приказна.

Длабоко вкоренети во сопственото музичко наследство и традицијата на турската музика, инкорпорира и други стилови во овој традиционален модел како класика и џез, дозволувајќи правецот на нивното музицирање да го прикаже Истанбул во сиот свој раскош, историски и музички. Причината поради која Таксим трио претставува совршено средство на тројцата виртуози да го изразат сопствениот карактер е најверојатно супериорната контрола врз своите инструментите што доаѓа до израз низ нивните инвентивни импровизации или „таксими“ („таксим“ на турски значи импровизација).

Следните две вечери, на  4. и 5. јуни, публиката ќе може да ужива во словенечкиот бенд „Брина“ што го предводи талентираната и меѓународно етаблирана пејачка Брина Вогелник, експлозивните Ондатропика и моќната, хипнотичка мароканско-сенегалска комбинација Азиз Самауи и University of Gnawa.

ОФФест завршува на 6. јуни со Кимо Похјонен од Финска, познат по својата денс, театарска и авангардна музика, по бескомпромисната моќ и оригиналност.

Годинава, само Шанкар настапи во Универзална, Таксим трио, Биоскопиа, Азиз Самауи  и Похјонен се во МОБ, додека „Брина“ е во киното „Фросина“.

Би можело да ве интересира

Џез Фабрика фестивал Битола дел од светската мрежа на Арт фестивали

А1он

„Јон Вардар против галаксијата” викендов беше премиерно прикажан во Шпанија

Победничката на UpBeat – Best New Talent Award на фестивалот Звукот на Скопје

Битола по теркот на светските џез сцени: Национален Џез Оркестар и Мартин Ѓаконовски – Шпато со изведби посветени на Реј Браун

Предраг Петровиќ

Едукација, хуманост и забава на едно место: Вечерва прво издание на „Ајде фестивалот“ чиј покровител е Хајделберг факултет

Хајделберг Факултетот во Скопје главен покровител на првото издание на „Ајде фестивалот“ во општина Аеродром