Камионите кои со денови беа заглавени во меѓудржавната зона меѓу Франција и Велика Британија во англиското пристаниште Довер, почнаа да ги поминуваат контролните пунктови преку Ла Манш кон француското пристаниште Кале, откако Франција делумно ги отвори своите граници со Велика Британија од страв од брзо ширење на новата верзија на коронавирусот.
Камионите тргнаа кон траектите и возовите што ја поврзуваат Велика Британија со Франција, додека властите проверуваат дали возачите имаат негативни тестови за коронавирусот.
Сепак, илјадници возачи на камиони и патници останаа во Довер на Бадник, бидејќи тестовите за вирусот, кои сега ги бара Франција, бавно се испорачуваат.
Како што пренесуваат локалните медиуми, од француска страна, пристаништето Кале, кое вообичаено прима до 4.000 камиони дневно, е потивко од вообичаено.
Портпаролката на пристаништето Довер изјави дека пристигнале помалку од 100 камиони, поради ограничувањата за тестирање, а властите предупредуваат дека остатокот од камионите може да пристигнуваат со денови.
Француската амбасадорка Кетрин Колон рече дека околу 20 француски пожарникари биле испратени во Довер за да однесат 10.000 тестови за на возачите кои сакаат да се вратат дома за Божик.
Британскиот министер за транспорт Грант Шапс изјави дека британските и француските власти се согласиле да ја држат отворена границата меѓу двете земји за време на Божик за да им помогнат на возачите на камиони и патниците да се вратат дома.