Спиро Ристовски ослободен од куќен притвор

Од:

Обвинетиот Спиро Ристовски е пуштен од куќен притвор. Одлуката на Кривичниот совет е донесена на два дена пред законски рок за престанок на мерката. Наместо притворот, Ристовски како обвинет во предметот за организаторите на „27 април“ доби поблаги мерки за обезбедување присуство. Тој ќе треба двапати месечно да се јавува во суд, одземен му е пасошот и има забрана за напуштање на територијата на Град Скопје.

Ристовски беше во домашен притвор од крајот на мај 2019 година, поради сомневање на Обвинителството дека може да избега или да влијае врз сведоци. Нему по овој предмет не може да му се изрече нова мерка куќен притвор бидејќи според Законот за кривична постапка, таа може да трае најмногу една година за дела чија затворска казна е до 15 години затвор.

Како организатори на насилствата од 27 април, покрај Ристовски, се сомничат поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Според Обвинителството, осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта. За таа цел, ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на 27 април.

– Осомничените како организатори ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта и овозможиле континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите. Со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста, критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучиле патриотски здруженија и ангажирале лица за извршување на насилство. Воедно од седиштето на политичка партија континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови. Во исто време, еден од осомничените со возило, сопственост на Управата за безбедност и котраразузнавање, донел огнено оружје и панцирни елеци пред Собранието на Република Македонија што биле наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Со овие активности осомничените предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, се наведува во обвинението од ОЈО.

Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите на прогон.

Би можело да ве интересира

Судењето за случајот „Организатори на 27 април“ презакажано за 14 ноември – обвинетите бараат Судот да го примени Законот за амнестија

Катерина Ѓуровски

ЗНМ: Правда за новинарката Душица Мрѓа за „27-ми Април“: значаен чекор напред во борбата против заканите врз медиумските работници

Се предаде Дејан Давидовски Дешо, баран по меѓународна потерница за настаните од 27 април

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Пандов пушта од затворите лица осудени за 27 април

Катерина Ѓуровски

СДСМ: 27 април е крвав потсетник на режимот на ДПМНЕ кој не смееме да дозволиме да се повтори

Горан Наумовски

Јанакиески бил незаконски притворен и држен во домашен притвор за „Шпански скали“ и 27 април, пресуди судот во Стразбур

Александар Тодески