Оштетените штедачи од Еуростандард бараат од надлежните ведаш да дејствуваат и да преземат соодветни чекори за санкционирање на, како што наведуваат во соопштение, главните организатори на криминалот во банката.
-Доказите за криминалот се веќе одамна во нивни раце. Тие се јасни и недвосмислени. Во тие документи се гледа кој се одобрувал ненаплатливи кредити, кој ги делел истите, со кого се ги делел, кој го дозволил криминалот, кој перел пари, фалсификувал документи или вршел разни други видови на измами, злоупотреби и проневери. Вистината мора да се дознае и правдата да се задоволи. Дали Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, финансиската полиција и нашиот судски систем ќе дозволат да овој масовен грабеж на обичните граѓани и фирми помине неказниво и остане во заборав на времето додека криминалците продолжат да уживаат со нашите покрадени пари!? Ќе покажете ли дека има правда во државава или ќе оставите да делата застарат, криминалците да бидат на слобода а сите ние 3.000 семејства останеме покрадени, измамени и оштетени од системот којшто не само што не не заштитил на време туку и дозволил криминалците да не уништат во сред пандемија!? Време е веќе да делувате веднаш!, наведуваат оштетените штедачи во Еуростандард во соопштение испратено до медиумите.